Фото: Пиксабеј

Сигурно веќе знаете дека се чувствувате подобро кога сте опкружени со растенија. Нашето расположение се подобрува кога шетаме во природа или кога работиме во нашата градина. Овој ефект не доаѓа само од убавината на растенијата туку многу од нив влијаат и на нашето расположение. Според една студија на Универзитетот во Ексетер, луѓето што се селат во позелени области и поминуваат време во паркови и градини доживуваат значителни подобрувања во менталното здравје. Некои растенија особено придонесуваат за ова, а три од нив имаат улога во намалување на стресот, покрај тоа што лесно се одгледуваат.

Лаванда
Лавандата е позната по своите мирисливи цветови и ароматични лисја. Грмушката од лаванда лесно се одгледува – засадете ја напролет, изберете убаво сончево место и уживајте во цветовите во топлите летни денови. Оваа билка секогаш е на врвот на природните средства за ослободување од анксиозност. Најпопуларното есенцијално масло се добива од лаванда. Кога се вдишува редовно, тоа носи подобрувања во краткорочната меморија, го ублажува стресот и носи релаксација. Како што цвета вашата лаванда, можете да исечете неколку цветови и да ги користите за чај. Лавандата се бере во најтоплиот период од денот, а гранките со цветови се сушат наопаку, на сенка, и на место заштитено од влага.

Јасмин
Два вида јасмин се популарни – летниот и зимскиот, но и двата имаат мали цветови во форма на ѕвезда со исклучителен сладок мирис. Тој им помага на многумина да се ослободат од анксиозноста и неговата близина обезбедува мир и спокојство. На овој прекрасен ползавец му треба топло и сончево место, заштитено од ветар. Најдобро е да обезбедите жица на која ќе може растението да се искачува, а во текот на летото нахранете го со ѓубриво богато со калиум.

Рузмарин
Рузмаринот е едно од најпознатите растенија од семејството на нане, кое со векови се користи во готвењето и во традиционалната медицина. Оваа грмушка со листови, слични на иглички, го сака сонцето, отпорна е на многу временски услови и мириса на Медитеранот. Мирисот на рузмарин го смирува телото и го активира умот, помага во зајакнување на меморијата и ја намалува анксиозноста.