Југозападна Јапонија утринава беше погодена од силен дожд и многу силен ветер додека тајфунот Шаншан го погоди копното во префектурата Кагошима, по што без струја останаа повеќе од четвртина милион домаќинства, а повредени се десетици луѓе.
Тајфунот, категоризиран како „силен“, со удари на ветер до 60 метри во секунда (216 км/ч), пристигна утринава во близина на градот Сатсумасендаи, кој се наоѓа на југозападниот остров Кјушу, објави метеоролошката агенција.
Властите предупредија дека бурата може да биде една од најсилните што некогаш го погодила регионот, а локалните власти издадоа наредби за евакуација на милиони жители во неколку префектури.
Едно лице се води како исчезнато, а 39 се повредени во префектурите Кагошима и Мијазаки, јави јавната телевизија НХК. На снимка што ја објави телевизијата, се гледаат скршени ѕидови и стакла на прозорци на згради во Мијазаки.
Повеќе од 250.000 домаќинства во седум префектури денеска се без струја од 9 часот по локално време, информира компанијата Кјушу Електрик Пауер.
Откако ќе го погоди Кјушу во текот на следните неколку дена, невремето се очекува да се приближи до централните и источните региони, вклучувајќи го и главниот град Токио, околу викендот, соопшти метеоролошката агенција. Големите производители на автомобили, вклучувајќи ги Тојота и Нисан, ја прекинаа работата во речиси сите домашни фабрики поради невремето.
Авиокомпаниите, вклучително и ANA Holdings и Japan Airlines, веќе најавија откажување на повеќе од 600 домашни летови. Возниот сообраќај е прекинат во многу области на Кјушу.
Тајфунот Шаншан е најновиот суров временски состав што ја погоди Јапонија по тајфунот Ампил, кој на почетокот на месецов исто така предизвика прекин на електричната енергија и евакуација.