Дереџе е турски збор и значи неподносливо тешка состојба. Има и полошо од тоа. Дендереџе не постои како збор, но се употребува како жаргонски израз, кој значи уште полошо од неподносливо тешка состојба. Но има нешто што означува состојба што виси, која можеби е тука блиску и навестува, но и тежина што ги надминува претходните две. Во оваа пригода треба да се истакне буревесникот како содржина што императивно прилега на последната состојба. Што е буревесник? Буревесник е морска птица во постојан лет и има темно перје. На морска шир со хоризонт покриен со темни облаци што постојано го сечат огнени молњи, птицата е апокалиптички контраст на претскажување или лош омен (знак).
Има и една изрека што би можела да се надоврзе на сето запишано, која вели дека од војната само неизвесноста е пострашна. Навистина е морбидно да се зборува за вакви теми, ама светот во кој живееме просто врие од настани што вознемируваат и кои не би требало да се секојдневие на еден цивилизиран свет.
Значи, буревесникот не навестува ништо добро? Можеби да, можеби не. Буревесникот на прославениот инспиратор и „поет“ на револуцијата Максим Горки, која се случила во 1905 година кога е оборен царизмот во Русија и е воведена уставна монархија, е роден во 1901 година. Претскажување или добра перцепција за состојбите во царството на династијата Романови? Веројатно и едно и друго. Оти чир што гнои, прашање е на време кога ќе еруптира. Ова во смисла кога општеството е болно и кога режимите не можат да одговорат на барањата на масите, кои се неодминлив дел од него. Проблемите се трупаат, а соодветни решенија нема или некој не се ни обидува да ги воочи. Историјата на човештвото е преполна со различни облици на изрази на горчина и незадоволство. Револуции, сен килот револуција (револуционери без гаќи – сликовит опис на бедата што ја крена Француската буржоаска револуција во 1789 година), ваква пролет – таква пролет револуција, побуни, мирен револт што со својата упорност дејствува како мирна вода на речен брег, ама ретко успешен бидејќи се претвора во бура, дворски игри и офицерски пучеви или државни удари, со еден збор борба на интереси, борба за интереси, кои ќе бидат изневерени и потиснати штом победникот ќе се смести во тронот на власта. Како и да биде именуван, тој веднаш ги изневерува целите на бунтот.
И така со векови. Постојано се менувале системите на управување, но, за жал, сето тоа личело на периферно дотерување или шминка на општествената слика со мала или речиси непроменлива внатрешна структура среде која стои интересот на оној што владее и сите што му се додворуваат. Како стандардна основа е класната поделеност, а сето друго е само очајничко претање за спас во маса од жив песок.
Познатата приказна на почитуваниот Х.К. Андерсен, „Царевото ново руво“, прекрасно ја отсликува забеганоста на режимите низ чии венски структури циркулира опивката или еликсирот за недопирливоста на земните божества. Подлизурковците, полтроните и мошне практичните опортунисти, кои на истенчен начин се приспособуваат кон условите што владеат во политичкиот и јавниот живот при што ја користат секоја поволна околност за сопствена корист, само ја подгреваат сликата за авторитарноста и недопирливоста на власта. Ако на царот сите тие му се поклонуваат и ги правдаат сите негови постапки, па дури и кога гол, а наводно во нова руба, излегува на свеченост во дворецот, детенцето со сѐ уште зачувана изворна невиност и чесност среде царската церемонија гласно ја изговара вистината – царот е гол!
Се разбира, револуцијата или политичките промени секогаш се поврзани со антагонистички настроени групи и таа бара крв, пот и големо количество лудило. За жал. Веројатно е така и со процесот на глобализмот како облик на револуционерност. Политичките елити низ сите досега познати општествени уредувања, нараснатите спротивности и проблеми не ги решавале низ дијалог иако таа категорија треба да биде примарна за мисловните суштества. Да, дијалогот доаѓал допрва, но откако ќе се пролее крв до колена.
Статистиката вели дека мошне малку време е минато во напнат мир. Кои се причините за постојани ескалации и судири помеѓу омразените страни, кои поттикнуваат адреналински оган и безумие? Ако демократијата со своите карактеристики понудила параметри за џентлменско однесување, кое настојува да ги реши сите спротивности на разумен начин, претпоставено е дека токму интересот е тој што ја попречува мирната разврска. За жал, ни плурализмот, ни развојниот пат на материјалните ама и на духовните вредности, ни кревањето на свеста (таа нема тренд на сеопшта вредност), не успеваат ниту до денешни дни ефикасно да се справат со нараснатите спротивности. Попусто е понудена теоретска можност, попусто мудрите се обидуваат да наметнат безболни решенија. Животот тече и понатаму, планетата е загрозена од последиците на безумието, менталната структура останала на ниво на консумеризам, кој не е далеку од еднонасочна параноја.
Водечкиот писател на некогашниот пролетаријат Максим Горки, во својата поема „Буревесникот“, најавува силна бура. Случајност или не, бурата доаѓа на почва што не е подготвена да се носи со барањата на носителите, кои се понесени пред сѐ од тешката материјална состојба и маченичкиот живот на селани, работници и лумпенпролетаријат, кованица измислена од античките и граѓанските мислители. Овде се мисли на селаните од Стариот Рим, кои биле принудени поради својата исклучително тешка материјална и егзистенцијална ситуација да се довлечкаат во градот и таму да ги бараат своите права. Во марксистичката теорија, пак, лумпенпролетаријатот го сочинуваат слоеви од општеството што се маргинализирани (неспособните, болните, сиромавите, скитниците, ситните џепчии, неуспешните, проститутките…). Но замислете, сите тие се производ на општествената состојба.
Не се проблем многубројните структури на репресивниот апарат, кој е негуван и привилегиран со цел да ги брани интересите на елитите и кој располага со инструменти за присила, да го смират незадоволството на масите и привремено да го изгаснат распалениот оган.
Но, не за долго. Тој повторно и повторно ќе се запали. Се чини дека тоа е помалата грижа. Поголемата е кога владејачката структура своите проблеми на домашната сцена ќе се намери да ги решава на териториите на некои други држави. Секако, станува збор за ресурси потребни за задоволување на нараснатите потреби и проблеми на населението научено на забележително ниво на стандард. Се чини дека под знамето на ширење на демократски вредности, тивко се провлекува потребата за она што им недостига на елитите.
Тука повторно и повторно се активира алармот од минатото. Сѐ повеќе се слуша ѕвечкање на оружје, вредноста на човечкиот живот се сведува на „пет пари“, закани и нешто што веќе е искуство на човештвото од кое не се извлекле никакви поуки. Зарем е можно да се сведеме на нешто што им е туѓо дури и на најкрволочните ѕверови? Зарем е можно да се истребиме без да размислиме за индивидуалните и колективните трагедии на учесниците во воените конфликти? Зарем е можно дека во нас сме го исушиле изворот на чувства?
Но да се навратам на Максим Горки и неговата „Старицата Изергил“, и тоа само од една единствена причина. Дали денес може да се најде човек од која било структура на власт што ќе си го откорне своето срце од градите за да го спаси својот народ? Јунакот на Горки, младиот Данко, е човекот што го прави тоа. Високи морални квалитети, но каде исчезнаа? Не е за чудење кога еден великан третиран како гласноговорник и поет на револуцијата ја напушта истата таа откако се разочарал од начинот на кој се спроведува по почетните успеси.
Илјадници непотребни жртви во Украина, во појасот Газа, Либан, Ирак, Мјанмар, Бангладеш и низ африканскиот континент и притоа млаки реакции од страна на организациите на мудрите низ светот, на интелектуалците. Срамотно и ниско. Како цивилизација, дозволивме децата да пијат од канализациските цевки, да страдаат од огнени истрели и да останат без делови на своите тела и без најблиските. Да, ние, светот. Овде посебно би потсетил на случајот „Беслан“, кога во овој град во Северна Осетија во 2004 година е нападното училиштето број 1 и каде што животите ги загубија 316 луѓе, од кои 186 деца. Тие се погребани во меморијалниот центар „Градот на ангелите“. Во ваквите трагедии, најстрашен од сѐ е молкот.
Замислете си колкава била големината на Жан Пол Сартр, францускиот нобеловец егзистенцијалист, кој смело му се спротивставил на авторитет каков што бил претседателот на француската република, генералот Шарл де Гол. Почитуваниот го кренал својот глас и силно ја поддржал борбата на алжирскиот народ за независност од Франција. Еден одамна заборавен израз на правда. Ноам Чомски, еден од најголемите светски интелектуалци, лингвисти и филозофи, врвен колумнист, во една пригода зборува со огорченост дека во моменти кога сака да го критикува естаблишментот, мора да ја мине северната граница, па таму да го направи тоа. Листата е долга. Нелсон Мендела, големиот африкански херој осуден на стогодишен затвор, кој не ја напушти Јужноафриканската Република дури и по цена на животот, Махатма Ганди, Че Гевара, Долорес Ибарури, Сноуден, Асанж…
Сѐ погласно се навестува за можен удар на „валкана бомба“ од страна на Украина врз нуклеарките во Запорожје и Курск. Овде воопшто нема да зафаќам страна, но се прашувам дали ова не е вистинско лудило дури и како замисла. Зарем некој посакува во име на повисоки цели од оваа волшебна планета да направи пекол? Зарем некој навестува нов буревесник? Умот во главата, луѓе. Станува збор и за човечки животи!
Љубомир Јованоски