Сите сме Камала Харис, вклучувајќи го и Доналд Трамп

Пред некоја вечер, го фатив почетокот од конвенцијата на демократите во САД како вовед во претседателската трка, онака опуштен, пред спиење, вртејќи ТВ-канали за да ми се сврти во главата од непотребни информации. Во прв момент не си сигурен дали почнува партиска конвенција или Супербол. По изгледани дваесетина минути никако не можеш да кажеш, ништо спектакуларно. Напротив, баш спектакуларно. Исто како и конвенцијата на Доналд Трамп. Американците знаат од најздодевните работи да направат спектакл. За разлика од Французите, кои очигледно некаде попат изгубиле смисла за забава, па и најинтересните збиднувања како отворање или затворање на Олимписки игри ги прават толку здодевни што почнуваш да зеваш во ритамот на кан-кан. На крајот мора да дојде Том Круз и да ги земе работите во свои раце среде невозможна мисија да те расони.
Да се вратам јас на конвенцијата. Во воведниот дел одат брзи кадри со мудри изјави на Камала Харис. И тогаш се случи тоа. Камала ги изговори зборовите, а јас ги слушнав и занемев. Го кажа следното, приближно вака, простете што не цитирам, туку парафразирам. Рече, ние не се бориме само против Доналд Трамп, ние се бориме да ви ја донесеме иднината за разлика од тие луѓе што сакаат да ве вратат во минатото. Ѕидовите на собата затреперија предизвикани од нежната вибрација исфрлена од грлото на Камала. Времето застана да поразмисли за кажаното. Бог ги спакува куферите, рече, тоа е тоа луѓе, јас повеќе не сум ви потребен, следете го најновиот завет на мадам Харис, па замина во некоја друга димензија. Јас, пак, откако малку се созедов од восхитувачкиот шок што го доживеав, ги исклучив телевизорот, светлото и умот (за да не произведува непотребни информации) и ја гушнав перницата надевајќи се дека нема да заминам во сон, туку во нестварните светови што ми ги отвори штотуку слушнатото.
Ние се бориме за вашата иднина, за разлика од оние луѓе што сакаат да ве вратат во минатото. Ете ги зборовите! Боже, вака ли се чувствувал Архимед излегувајќи од када? Или Њутн кога му паднало јаболкото на глава? Дали и на Ајнштајн од возбуда му се кренала косата на глава кога сфатил дека сè е релативно, како што мене ми се дигна нивото на восхит во душата, откако сфатив дека Алберт врска нема, бидејќи доживеаното сатори за тоа како некои луѓе можат да ми ја донесат иднината како јаболко во када, не е релативно, туку чиста вистина? Каде се сега Велс и Земекис да видат дека нивната научна фантастика повеќе не е жанр, туку стварност што ќе ни се случи во иднина?

Утрото по конвенцијата ѝ удрив заушка на сегашноста, праќајќи ја в кујна да ми направи кафе и да ми донесе цигари, па се сетив на зборовите на Камала Харис и сфатив дека кога тие беа изговорени, тоа веќе е минато што значи нешто грдо и непосакувано, па се завртев во мислите кон иднината, односно утрешнината, кога треба да седнам и да напишам колумна. Си реков, подобро да ја пишувам колумната кога тоа сè уште е иднина, отколку утре, бидејќи тогаш ќе биде сегашност, а сегашноста е небитна филозофска категорија, оти штом утре ја напишам, напишаното станува минато, па ќе ми биде гадно да ја прочитам.
Да не ве збуни напишаното во претходниот пасус? Ви е гајле, тоа веќе е минато, терајте вие понатаму кон иднината!
Не сум мазохист за да следам изборни циклуси во сите држави, ама знам дека од Нордистан до САДистан, кога е време на избори и борба за власт, сите политичари се Камала Харис, вклучувајќи го и Доналд Трамп. Сите они, ако ги изберете, ќе сторат сè за од уши да ви тече блескава иднина што вие ќе ја нарекувате удобна сегашност. Се извинувам, додека ја читате оваа реченица, мора да го замолчам гласот што ми вели, „не генерализирај“, па го врзав пред телевизор и му го пуштив скечот на Монти Пајтон за мртвиот папагал на „рипит“. Океј, завршена работа, може да продолжам да генерализирам. Да, во наративот, сите се исти, но, не сакам зборови, туку дела, рекол Бог, па затоа во делата политичарите се разликуваат, односно, сите они, во име на иднината, различно ја заебуваат сегашноста.
Не им се лутам. И тие се луѓе. Дресирани за тоа што го прават и зборуваат. Повеќето од нив и не разбираат што изговараат. Оние што разбираат, знаат дека лажат и ни се потсмеваат, оти, дали сме ги гласале или не, ќе нè владеат и секако ќе го спроведат тоа што го научиле од дресерите. Многумина сега мислат, можеби тие се моќни и прават што сакаат, ама барем јас сум свој, никој мене не ме дресира како да сум животинче. Лага! Сите сме дресирани. И не му треба на некој корпорациски лудак да арчи пари на чипови. Веќе сме чипирани. Од далечински управувач, преку тастатура, до мобилен телефон. Од вести, преку пропаганда, до социјални мрежи. Ако зборовите „дресирани“ и „чипирани“ ги поистоветувате со зборот „глуп“, во право сте, глупи сме.
Оние пак што мислат дека се многу паметни и како доказ за тоа секојдневно го приложуваат своето аналитичко мислење за сенешто на социјалните мрежи, тие се дресирани од социјалните мрежи да мислат дека се многу паметни. Нивото на интелигенција и фактот колку сме во право си ги мериме во лајкови. Ако сме нестварно паметни и за сè во право, имаме толку лајкови и поддржувачи што стануваме инфлуенсери и експерти. Оние што не се согласуваат со нас се глупи и застарени, значи им поминало времето, минато се, иако така и они мислат за нас, ама сепак, сите ние, мислиме дека толку многу влијаеме на сегашноста што автоматски ја обликуваме иднината. ‘Ба му стопанката, сите сме Камала Харис.

Фак! Нека оди по ѓаволите Сократ што ме натера да се спознавам. Ај што спознавајќи се, открив дека сум Камала Харис, ама и сите вас, сега така ве доживувам, како Камала Харис, вклучувајќи го и Доналд Трамп. Се грижам за иднината на… три точки… децата, татковината, фирмата, планетата, газот во фотелјата, човештвото, домот, вселената, репутацијата, природата, економијата, сексуалната потенција, комарците во езерата во Финска поради ефектот на стаклената градина, кариерата, тимот за кој навивам… само мртвите не се грижат за ништо. Затоа произведуваме војни. Што повеќе мртви, помалку конкуренција на пазарот за грижа за иднината. Остави ги мртвите да ги погребуваат своите мртовци, му рекол Исус на ученикот што сакал да го погреба татко си пред да тргне по него. Чудно, мртовците стварно не се грижат за иднината, ама ние мртвите, опседнати сме со неа.