И денес активни се пожарите во зајаскиот регион и во Рабетинска Река, каде поради обемноста на пожарите во Козичино и Патеец, покрај од земја се интервенира и од воздух со ер-трактори и хеликоптери.
– Иако изгледаше дека пожарот кај село Зајас е целосно изгаснат, тој во текот на ноќта повторно се реактивира и се прошири во реонот на село Горно Страгомиште. Пожарот се гасне од земја а за негово гаснење ангажирани се вработени од Територијалната протипожарна единица Кичево, потоа доброволци од локалните населени места кои вложуваат натчовечки напори за ликвидација на овој пожар. Во исто време пожарот што избувна пред два дена во реонот на селата Козичино и Патеец зема сѐ поголем замав. Од овој пожар зафатени се поголеми површини под борова и букова шума. Површината опфатена со огнената стихија е сѐ поголема а во опасност беше доведена и црквата „Света Петка“ во село Патеец, која се наоѓа непосредно до опожарените површини со шума – истакнуваат од ТППЕ Кичево.
Во Кичевијата во изминатиот период беа регистрирани и пожари во селата Челопеци и Туин.