Фото:З.А

Состојбата со пожарите во Kичевско од ден на ден се менува, a деновиве избувна пожар во село Зајас во месноста Алај, каде огнот брзо се шири и напредува, а претставува закана за дел од куќите во населбата. На пожарот се интервенира од земја, а во гасењето на истиот вклучени се вработените во ТППЕ Кичево и специјалната единица на ШС „Лопушник“.

– Состојбата со пожарите во кичевско од ден на ден се менува. Најголемиот пожар што избувна пред една седмица во село Челопеци е изгаснат и состојбата се држи под контрола. Пред три дена избувна пожар и во село Туин во месноста Калешовци, каде што гореше стрниште и нискостеблеста шума. Од огнената стихија опожарена е и една постара куќа во оваа населба. Засега во нашата општина најтешка е состојбата во село Зајас во месноста Алај, каде избувна пожар кој и покрај мобилните екипи на терен брзо се шири и претставува закана за дел од куќите во оваа населба. Со решителна акција на вработените на ТППЕ Кичево очекуваме овој пожар најпрво да се локализира, а потоа и да се ликвидира – истакна Артан Сејдини од ТППЕ Кичево.

З.А.