Пречекорувањето на линијата на коректна политичка дебата (со вербални закани или, на пример, со поттикнување дејства против уставниот поредок) може да ги активира механизмите за процесирање конкретни членови на Кривичниот закон! Дури и во Законот за политички партии, во членот 3, се наведува дека: „Програмата, статутот и дејствувањето на политичките партии не можат да бидат насочени кон: насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија; поттикнување или повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост“. Во таков контекст, според правните експерти со кои се консултиравме, испорачаните барања „уставниот поредок на Македонија да биде регулиран според демографската реалност“ се чини дека мошне одат по работ за повикување за вршење дело со кривична одговорност
Пресингот од албанскиот политички корпус за менување на уставниот поредок како повод
Идеите и иницијативите за менување на уставниот поредок на Македонија и на карактерот на државата од страна на поединци и партии од т.н. албански блок партии и понатаму се одржуваат во јавниот дискурс, веројатно со намера за одржување извесна тензичност во општеството. Некои аналитичари сметаат и дека „на тој начин ќе се создаде политичка перцепција за легитимитет на нивните барања“?!
Различни форми и облици на иницијативите за промена на уставниот поредок на Македонија
Политичката иницијатива за ново уредување на уставниот поредок има мононацинален корен, но е повеќеслојна. Една од специфичните „форми на иницијативите за системско и политичко реструктурирање на Македонија“ произлезе од ДУИ, како идеја за „озаконување на принципот за коалицирање победник со победник“.
На партиски собир пред две-три седмици во Гостивар, ДУИ усвои неколку резолуции поврзани со почитување на Охридскиот договор, Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија. Тогаш беше обелоденета и информацијата дека Европскиот фронт ќе го ангажира Пол Вилијамс, еден од авторите на Охридскиот рамковен договор, за подготовка на платформа за меѓуетнички легитимитет на централните и локалните институции врз основа на изборните резултати.
Како дел од опозициската коалиција Европски фронт, овие резолуции на ДУИ ги поддржа и ги надгради лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, (всушност на еден дел од поделената партија, која е партнер во Европскиот фронт) со „понуда со која уставниот поредок на Македонија ќе биде регулиран според демографската реалност“.
– Албанците се една третина од вкупното население во државата и заедно со другите етнички заедници, тие се околу половина. Оваа тема ја отворија Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Ние само даваме одговор на ваквите теми што се отворени. И нормално дека планираме ваквите теми да разгледуваме и да имаме наша понуда со која уставниот поредок на Македонија ќе биде регулиран според демографската реалност – изјави Зијадин Села, најавувајќи ја како тема на централното претседателство на партијата за ново уредување на уставниот поредок на државата.
Устав и уставен поредок според демографска реалност – спротивно на Уставот
(и Охридскиот договор), а влегува и во опсегот на Кривичниот закон
Пречестото посегнување по Уставот, од надворешнополитички уцени, преку постојани „дебати“ и иницијативи со партиски барања и желби (главно од етничка природа), се чини дека некако ја релативизира базичната норма дека активности и дејства против уставниот поредок влегуваат во опсегот на надлежности на Кривичниот закон. Односно преминувањето на линијата на политичка дебата, па и вербални закани или поттикнување дејства против уставниот поредок можат да ги активираат механизмите на Кривичниот закон. Дури и во Законот за политички партии, во членот 3, се наведува дека: „Програмата, статутот и дејствувањето на политичките партии не можат да бидат насочени кон: насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија; поттикнување или повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост“.
Во таков контекст, барањата „уставниот поредок на Македонија да биде регулиран според демографската реалност“ се чини дека мошне одат по работ на членот 3 од Законот за политички партии.
– Посегнувањето по уставниот поредок е едно од најтешките кривични дела и секое такво дејство, кое ги преминува линиите на политичка дебата, автоматски треба да го активира Кривичниот закон. Секако, дополнителна обврска за внимателност во реториката и активностите на партиите во нивната желба за политичко поентирање преку посегнување по Уставот е и Законот за политички партии. Тоа се механизмите што ги има државата за штитење на уставниот поредок, по кој се чини дека пречесто и прелесно се посегнува – наводно со „реформски намери“, но со загрижувачки потенцијал да ја преминат линијата на политичка дебата и иницијативи – вели универзитетскиот професор по управно право Борче Давитковски.
Според професорот Давитковски, идејата за регионализација на Македонија (главно по етничка основа) според моделите на Белгија, Ирска или на Швајцарија е спротивна на самиот Охридски договор, на кој партиите од Европскиот фронт се повикуваат како на „свето писмо“ и за чие почитување постојано вадат нови резолуции.
– Не знам зошто албанската опозициска коалиција повторно ги вадат тие теми за регионална поделба. Тоа прашање е решено со децентрализацијата и новата територијална поделба, уште пред 20 години, токму според Охридскиот договор. Секое рециклирање на темата за некаква нова регионализација е спротивна на Охридскиот договор, на кој овие партии постојано се повикуваат и го „штитат“ со партиски резолуции. Јасно е дека овие иницијативи се дел од политичкиот модус на овие партии да си обезбедат трајно место во извршната власт, но, во принцип, секое посегнување по Уставот, особено за партиско-етнички интереси, политички ја отвора Пандорината кутија на безбедносната и уставната стабилност на државата – вели професорот Борче Давитковски.
Звонко Давидовиќ: Политичко однесување на раб на уставноста и безбедноста на државата
Реномираниот адвокат Звонко Давидовиќ, за линиите на политичко-партиската дебата кога станува збор за иницијативи за промена на уставниот поредок, смета дека тие треба да се движат во рамките на доброто однесување/воспитување, политичката култура и лојалноста кон државата и системот. Секое исчекорување од овие, пред сѐ, морално-етички линии во реториката и дејствувањето на партиите е на работ на уставноста и загрозување на безбедноста на државата. А кога ќе се констатираат такви дејства и постојат докази и аргументи за тоа, државата треба да ги активира своите заштитни уставни и законски механизми.
– Мошне апсурдно, па и срамно за една демократска држава и за политичките чинители во неа, во 21 век да се пласираат политички идеи за регионализација по национална (етничка) основа. Во голема мера, посегнувањето по такви идеи како начин за постигнување на сопствената политичко-партиска цел е прашање на доброто политичко воспитување, политичка култура, лојалност кон државата и државниот систем. Но во политичкото однесување на сите политички чинители во Македонија, од нејзината самостојност, овие линии на политичка коректност се многу поместени или дури и избришани, па се доведуваме во ситуација на неподнослива леснотија на посегнување по уставниот поредок. Сѐ додека овие иницијативи се во фаза на…, ајде да ја наречеме – дебата, но без конкретни дејства – можеби е и – легитимно. Но ако од таа дебата се поттикнуваат и предизвикуваат дејства што би ги загрозиле безбедноста и уставниот поредок на државата, обвинителството и МВР треба да реагираат, според одредби од Кривичниот законик, според кој, загрозување на уставниот поредок е едно од најтешките кривични дела – вели адвокатот Звонко Давидовиќ.