Средоземно Море можеби ве потсетува на луксузни одмори, вкусни оброци, морска храна и на бескрајни песочни плажи, но ова море станува сѐ позагадено, пишува Си-ен-ен. Повеќе од 87 отсто од Средоземно Море, кое се протега од Атлантски Океан до Африка, Европа и до Азија, е загадено со микропластика и други загадувачи, вклучувајќи токсични метали и индустриски хемикалии, според извештајот на Светскиот фонд за природата од јули 2024 година.
На глобално ниво, загадувањето на водата е поврзано со 1,4 милион предвремени смртни случаи, што е проблем за 150 милиони луѓе што живеат покрај брегот на Средоземно Море, како и за 270 милиони туристи што секоја година ги посетуваат овие области. Средоземно Море допира 46.000 километри крајбрежје во 22 земји, кои имаат различни стандарди и практики за заштита на животната средина. Египет, кој придонесува со 0,25 милиони тони пластика што завршува во Средоземно Море, е најголемиот загадувач според групата, пишува Си-ен-ен, следен од Турција со 0,11 милиони тони и Италија со 0,04 милиони тони пластика во загаденото море, дел од 1,9 милион пластични фрагменти на квадратен метар.
Медицинските експерти со кои се направени консултации за извештајот велат дека луѓето можат да внесат микропластика од водната средина со консумирање морски организми и вода (вклучувајќи и амбалажирана вода), пренесува овој медиум.
– Над 840 микропластики може да се внесат годишно преку потрошувачката на трите главни комерцијални видови риби (бас и два вида скуша) и до 11 илјади од големата потрошувачка на школки – се наведува во извештајот.