Направен значаен исчекор кон поврзување на македонските друштва во Република Албанија
Заштитата на македонските национални особености – јазик, култура, обичаи итн., во голема мера зависи од поставеноста на нештата кај македонските друштва и организации, како и кај единствената македонска партија Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ). Сега е момент за семакедонско помирување и обединување, а вистинскиот исчекор може да биде токму вонредниот изборен конгрес на МАЕИ, кој може да ги консолидира и да ги обедини припадниците на македонскиот народ кај нашиот западен сосед
Пописните резултати во Албанија беа поразителни за македонскиот национален супстрат, а ова се должи, пред сѐ, на засилените замешателства на официјална Софија во внатрешните работи на Албанија. Македонските национални особености – јазик, историја, култура итн., во иднина може да исчезнат во Албанија доколку не се променат нештата, а тоа во голема мера зависи од помирувањето и обединувањето на политичките и општествени претставници на македонското национално малцинство во Албанија. Според нашите соговорници, официјална Софија го деградираше македонскиот национален елемент кај нашиот западен сосед, а вина за ова се наоѓа и во незаинтересираноста на македонските државни институции, но и поради одреден антагонизам кај Македонците во Албанија. Во ситуација во која силно се атакува врз македонскиот супстрат, потребни се семакедонско помирување и обединување. Дека нештата се движат во позитивна насока потврди потпишувањето на прогласот за помирување помеѓу претставниците на македонското друштво „Илинден“ – Тирана и македонското друштво „Преспа“. Но потребно е дополнително консолидирање, а како клучен може да се покаже најавениот вонреден изборен конгрес на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), велат добро упатените во оваа проблематика.
Крупен исчекор во вистински правец, но имаме камче во чевелот
Во ситуација кога официјална Софија стихијно го асимилира македонскиот национален супстрат во Албанија, што беше особено видливо од последните пописни резултати, повиците за обединување на припадниците на македонскиот народ кај нашиот западен сосед добиваат на тежина. Досега повеќепати неколку македонски друштва и организации укажаа на потребата за обединување на Македонците во Албанија, а последен ваков повик произлезе од македонското друштво „Илинден“ – Тирана, едно од четирите македонски друштва во Албанија. Споменатото друштво во својата неодамнешна декларација, меѓу другото, повика на обединување против обидите за денационализација и асимилација од страна на бугарската влада.
Дека последната иницијатива за обединување даде плод, потврдува и потпишувањето на прогласот за семакедонско помирување и обединување од страна на Едмонд Темелко, претседателот на друштвото „Преспа“, и Никола Ѓурѓај, претседател на македонското друштво „Илинден“ – Тирана.
– Со прогласот повикуваме на семакедонско помирување и обединување за одбрана на идентитетот на македонскиот народ – името, јазикот, културата, историјата и територијата, затоа што обединети и единствени сме посилни од сечија агресија и обиди за денационализација и асимилација – рече Едмонд Темелко по потпишувањето на прогласот.
Според познавачите на проблематиката, ова претставува чекор во вистински правец, но нашите соговорници предупредуваат дека постои одреден антагонизам помеѓу претставниците на Македонците во Албанија, кој може негативно да се одрази врз процесот за семакедонско обединување.
Заштитата на македонските национални особености за виси од поставеноста на нештата кај македонските друштва и организации
Во изминатиов период, пошироката јавност може да посведочи дека постојат одредени несогласувања помеѓу политичките и општествените претставници на македонското национално малцинство кај нашиот западен сосед. Овие несогласувања може дополнително да им ја усложнат состојбата на Македонците во Република Албанија, која и онака е критична, ако се земат предвид постојаните бугарски замешателства.
Според добро упатените во македонските работи во Албанија, заштитата на македонските национални особености – јазик, култура, обичаи итн., во голема мера зависи од поставеноста на нештата кај македонските друштва и организации, како и кај единствената македонска партија Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ).
– Во минатото, а и денес, постојат одредени несогласувања, но претставниците на македонското малцинство во Албанија мора да ги надминат недоразбирањата и да си подадат рака. Во спротивно македонскиот национален супстрат во Албанија во блиска иднина може да исчезне – велат добро упатените во оваа проблематика.
Сега е момент за семакедонско помирување и обединување, а вистинскиот исчекор може да биде токму вонредниот изборен конгрес на МАЕИ, кој може да ги консолидира и да ги обедини припадниците на македонскиот народ кај нашиот западен сосед, велат нашите соговорници.
– Во услови кога македонскиот национален супстрат е атакуван од сите страни, кога македонската историја и македонскиот јазикот се негираат и се прикажуваат како нешто туѓо, кога имаме силна бугарска пропагандна активност, насушно е македонското национално помирување. Тоа е решението за македонските национални интереси – истакна аналитичарот Сотир Костов.
Платформа за консолидирање и помирување
Како основа за консолидирање и помирување на македонското национално ткиво во Албанија, може да послужи декларацијата на друштвото „Илинден“ – Тирана, која неодамна беше објавена. Според Никола Ѓурѓај, претседател на споменатото македонско друштво, го упатиле прогласот бидејќи се соочиле со бугарската асимилација на македонското национално малцинство во Албанија и бидејќи се свесни за последиците од антимакедонизмот на Софија изразен во Албанија.
Споменатиот проглас се состои од неколку точки, а меѓу другото во него е нагласено дека и покрај постојаното укажување пред пошироката јавност и албанските институции за подготовки за пописен фалсификат, албанската влада не изразила заинтересираност за мешањето на официјална Софија во внатрешните работи на Албанија. Во прогласот исто така беше нагласено дека Македонците и другите национални малцинства во Албанија не го прифаќаат пописот од 2023 година и бараат нов попис на населението во согласност со меѓународните стандарди на ООН и ЕУ, заради елиминација на двојното попишување на населението во Албанија и манипулација со бројките на националните малцинства.
– Ги повикуваме сите македонски здруженија и Македонската алијанса за европска интеграција на обединување, заради одбрана на идентитетот на Македонците, против обидите за денационализација и асимилација на Македонците во Бугари од страна на Владата во Софија – се вели во споменатиот проглас.
Овој проглас беше испратен до албанското собрание, албанската влада, албанскиот претседател, Државниот институт за статистика и до Омбудсманот на Албанија, како и до македонските државни институции, Европската Унија, Советот на Европа, ОБСЕ, Федералната унија на европските националности и до странските амбасади акредитирани во Албанија.