НЕДЕЛАВА СЕ ОЧЕКУВА ДА БИДЕ ДОСТИГНАТА МАКСИМАЛНАТА ТОЧКА НА ЕКСТРЕМНО ТОПЛИОТ БРАН ОД АФРИКА
Oд денеска, па до петок, во земјава се очекува максимумот на екстремно топлиот бран од Африка, па така, највисоките дневни температури во најтоплите централни и југоисточни предели наместа ќе достигнуваат и до 43 Целзиусови степени
Постепено опаѓање на температурите се очекува од петок и за време на претстојниот викенд
Сончевото и многу топло време со максимална дневна температура што насекаде ќе биде над 30 Целзиусови степени, а наместа ќе надминува 40 степени, ќе се задржи во наредните денови, според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), поради што портокаловото ниво за опасност од високи температури ќе биде активно до крајот на работнава седмица. Во тој период се очекува максималниот ефект од екстремно топлиот бран што доаѓа од Африка.
Се препорачува граѓаните во овие исклучително топли денови со себе да носат шише вода, да имаат лесна, светла и комотна облека, да носат капа, шешир или чадор за заштита, како и да се тушираат со посвежа или млака вода кога чувствуваат дека им е топло. Потребно е и доволно да се спие, да се јадат овошје и салати, да се избегнуваат алкохол, кафе, чај, како и топла, зачинета и солена храна што може да придонесе за дехидрирање, како што велат препораките од Институтот за јавно здравје.
Препорачливо е активностите на отворено да се спроведуваат пред 11 и по 17 часот, како и да се биде во сенка при престој на отворено. При престој во затворен простор со вклучено ладење од клима-уред, се советува клима-уредот да се исклучи барем половина час пред излегување надвор на топло.
Владата одлучи бремените жени и лицата над 60 години до четврток да бидат ослободени од работа. На работодавците им се препорачува да ги реорганизираат работните активности за да се избегне вршење градежни и други физички активности на отворено во период од 11 до 17 часот, а на градинките да не се изнесуваат децата надвор во тој период од денот. Исто така, Владата препорачува единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и центрите за социјални работи, во регионите зафатени со топлотниот бран да им даваат помош на осамени, стари и изнемоштени лица и на бездомни лица.
Апел со препораки: граѓаните во овие исклучително топли денови со себе да носат шише вода, да имаат лесна, светла и комотна облека, да носат капа, шешир или чадор за заштита, како и да се тушираат со посвежа или млака вода кога чувствуваат дека им е топло. Потребно е и доволно да се спие, да се јадат овошје и салати, да се избегнуваат алкохол, кафе, чај, како и топла, зачинета и солена храна што може да придонесе за дехидрирање!
Лекарите апелираат во наредниот период да не се излегува надвор без потреба, а доколку нешто е итно, тоа да се заврши рано наутро или во попладневните часови, кога има одредено ублажување на жештината. Во најтоплиот период од денот да се избегнуваат физички активности, да не се спортува и колку што може да се седи во климатизирани простории. Кога е најтопло, највнимателни да бидат повозрасните граѓани, хронично болните и бремените жени.
Постепено опаѓање на температурите се очекува од петок и за време на претстојниот викенд.
– В петок и за време на викендот во попладневните часови ќе има локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер и дневната температура ќе биде во постепено опаѓање – информира УХМР.
Воведена целосна забрана за движење во шумите
Воведена е целосна забрана за движење во шумите, која ќе важи од 6 до 20 часот и ќе трае сѐ до процената дека ризикот од шумски пожари е намален, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ). Од министерството е дадена согласност за одлуката по барање на Национални шуми, поради зголемена опасност и превенирање појава на шумски пожари на отворен простор.
– Целосната забрана за движење во шумите и шумското земјиште се воведува на територијата со која стопанисува ЈП Национални шуми и истата таа започнува од 15.7.2024 и ќе трае сѐ до денот на нејзиното отповикување, во терминот од 6 до 20 часот. Целосната забрана за движење во шумите ќе трае сѐ до процената дека ризикот од шумски пожари е намален – се вели во соопштението од МЗШВ.
Движењето во шумите ќе биде дозволено единствено со писмено одобрување издадено од страна на подружниците на ЈП Национални шуми, за подрачјето со кое управуваат, велат од ресорното министерство.
За непочитување на забраната, на физичките лица што ќе бидат затекнати ќе им се изрече глоба од 1.500 до 2.000 евра во денарска противвредност.
Регионот веќе е во црвена фаза
Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина се наоѓаат во црвена фаза, како и делови од Хрватска, при што се очекува температурите во регионот да достигнат и над 40 Целзиусови степени. Во Србија се очекуваат температури до 42 Целзиусови степена, како и во БиХ, а во Хрватска до 38 степени.