Стотина припадници на Армијата и два хеликоптера МИ 8/17 од воздухопловниот ВИНГ од раните утрински часови во координација со сите инволвирани субјекти отпочнале со координиран и насочен ангажман во гаснењето на пожарот во поширокиот реон на неготинско и планината Серта.
– По наредбата од страна на претседателката и врховен командант на Вооружените Сили, Гордана Сиљановска Давкова за ангажирање на Армијата за справување со пожарите во реонот на неготинско, началникот на Генералштабот, генерал потполковник Васко Ѓурчиновски нареди ангажирање на потребни капацитети на Армијата – информираа утринава од Генералштабот на Армијата.
Армијата, како што се наведува во соопштението, согласно својата мисија и задачи останува максимално подготвена во извршувањето на својата Уставна обврска и задачи од мисијата која вклучува и нејзино ангажирање во помош на граѓаните и институциите при справување со елементарни непогоди секогаш кога било потребно.
Владата доцна синоќа по барање на Кризниот штаб од Неготино прогласи кризна состојба.