Младиот македонски стрип-автор Методија Стојановски ја има честа да биде вклучен во хрватското стрип-издание „ОХОХОзин“, бр 6. Тоа е алтернативно стрип-списание што претставува различни автори од поширокиот регион. Стрипот на Стојановски носи наслов „Кутијата на гревот“. Според Томе Трајков, програмски координатор на „Стрип-центарот на Македонија“ – Велес, неговиот избор е направен врз основа на традиционалниот јавен повик што оваа година беше на темата „Хорор манга“.
Списанието постои од 2019 година како авторски проект од тројца стрип-автори: Лиа Краљ Јагер, Матија Писачиќ и Марко Ѓешка. Досега 60 уметници од Хрватска, Србија, Босна, Македонија, Словенија и од Германија имаат објавено свои дела во пет изданија на магазинот. Меѓу нив се истакнати автори како: Дарко Мацан, Крешимир Зимониќ, Штефо Бартолиќ од Хрватска и Александар Зограф и Јане Адамовиќ (Србија), Мидхат Капетановиќ (БиХ) и Изток Ситар (Словенија). Излегува во двојазично издание (хрватски и англиски).
Во 2022 и 2023 година „ОХОХОзин“ беше номиниран за наградата за најдобар алтернативен магазин на најпрестижниот стрип-фестивал во Европа, во Ангулем, Франција. Истата година ја доби наградата за најдобро списание на меѓународниот фестивал за анимирани филмови и стрипови „Супертун“ во Шибеник. Промоцијата на годинашното издание ќе биде токму на овој фестивал, кој ќе се одржи од 21 до 25 јули.
Методија Стојановски е добитник на наградата за најдобар македонски автор на традиционалниот стрип-салон „Велес 2023“ за делото „Магичен свет“.