Фото: ЕПА

ФУДБАЛ – ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО ГЕРМАНИЈА

Во мечот, утре (21 часот), Шпанија ќе игра за рекордна четврта континентална титула, а Англија за прва. За Шпанија тоа ќе биде петто финале на европските првенства, а за Англија второ, и тоа второ во низа, по ЕП 2020

Финалето на 17-то Европско првенство (ЕП) во Германија како ретко кое ќе биде историско, бидејќи на Олимпискиот стадион во Берлин, утре (од 21 часот), репрезентацијата на Шпанија ќе игра за рекордна четврта континентална фудбалска титула, а селекцијата на Англија за прва. Шпанија до натпреварот за годинашната титула стигна со шест победи на шесте дуели, а Англија е, исто така, без пораз, со по три победи и ремија.

Шпанија петти пат е во финале на европските шампионати, откако претходно победи во 1964, 2008 и во 2012 година, а загуби во 1984 година. Шпанија има и едно финале на светските првенства (победа во 2010 година). За Англија, пак, тоа ќе биде втор натпревар за европската круна (втор во низа, по тој во 2021 година, кога загуби од Италија на пенали, во Лондон) и трето финале заедно со светските шампионати (триумф во 1966, во Лондон), но прво во странство. Двете репрезентации досега не се сретнале во финале на некое големо натпреварување (светско или европско првенство), одиграле 27 средби меѓу себе, главно пријателски дуели, а претходен пат кога играа на голем турнир беше во четврт-финалето на Европскиот шампионат во 1996 година во Англија.

По натпреварот ќе бидат одредени и добитниците на индивидуалните награди, тие за најдобар фудбалер на турнирот, за најдобар млад играч и за најдобриот стрелец, но ќе бидат дадени и насоки за можните кандидати и за престижните годишни признанија, како што е, на пример, „златната топка“ на францускиот магазин „Франс фудбал“.
На претходните 16 европски првенства, титулата ја освоија 10 репрезентации, и тоа Германија и Шпанија по трипати, Франција и Италија по двапати, а Советскиот Сојуз, Чехословачка, Холандија, Данска, Грција и Португалија по еднаш. Н.М.