„Комунална хигиена“, Скопје остро реагира на информацијата од градоначалникот на општината Кисела Вода дека е поднесена прекршочна пријава против претпријатието.
– Нашите очекувања беа дека досега ќе бидат поднесени пријави против прекршителите на Законот за јавна чистота што секојдневно ја загадуваат животната средина и го загрозуваат јавното здравје преку несовесно и непрописно одлагање огромни количества отпад на јавни површини. За жал, досега не сме слушнале дека инспекциските служби при општината реагирале, го поменале или казниле некој од овие прекршители – стои во реакцијата.
Тие реагираат на постапката на градоначалникот и го замолуваат да престане со „валканите политички игри, ниските удари и обидите да го компромитира претпријатието“.
Општина Кисела Вода поднесе прекршочна пријава за „Комунална хигиена”
– И самиот сте добро запознат дека комуналниот отпад во општината Кисела Вода се собира и транспортира континуирано и секојдневно – без никаков застој, според динамиката утврдена со оперативната програма за собирање и транспортирање на комунален отпад од подрачјето на градот Скопје. Во текот на јуни 2024 година, на територијата на општината се подигнати и транспортирани приближно 1.400 тони комунален отпад. Исто така, во општината Кисела Вода континуирано се реализираат и рачно и машинско метење, како и машинско миење на булеварите и улиците со употреба на автоцистерни – додаваат во реакцијата.
Тие објаснуваат дека во текот на минатиот месец, екипите на „Комунална хигиена“, Скопје подигнале вкупно 100 кубни метри отпад од голем број диви депонии, лоцирани на улиците „Христо Татарчев“, „Боте Боцески“, „Дичо Петров“, „Ѓорѓи Димитров“ и добро познатата локација кај „Томи“ маркетот што претставува „црна точка“ каде што се интервенирало најмалку еднаш неделно за отстранување на непрописно одложен отпад од јавните и сообраќајните површини.
– Ви советуваме веднаш да пристапите со инспекциски надзор, но не врз работата на ЈП Комунална хигиена-Скопје чиишто активности на терен се одвиваат седум дена во неделата во три смени, туку врз несовесните поединци што во последните неколку месеци тенденциозно се занимаваат со непрописно одлагање отпад и загадување на животната средина, со цел да ги доведат во прашање компетентноста и ангажираноста на екипите – реагираат од „Комунална хигиена“.