Со сослушување на сведоци предложени од одбраната денеска во Кривичниот суд во Скопје продолжи судењето за случувањата на 27 април минатата година во Собранието на Република Македонија.
Во судницата се сослушува сведокот Бранко Трајановски, вработен во МВР, предложен од одбраната на Митко Пешов.
Трајановски рече дека во вечерните часови ја упатил Посебната единица за поддршка (ПЕП) во Собранието на РМ, со цел да ги евакуираат пратениците.
– Наредба да ги упатам членовите на единицата во Собранието добив од Митко Пешов. Во тоа време во базата на единицата имаше само 13 луѓе и тие околу 19:40 часот ги упатив по наредба на началникот кон Собранието, а наредба за повикување на целокупниот состав на единицата добив околу 20:20 часот – рече сведокот.
Појасни дека за собирање на целата ПЕП единица се потребни три до пет часа во зависност од локацијата.
– Првата група од 13 луѓе кон Собранието ја упатив со помошник командант Бобан Николовски. По влегувањето ме информираа дека состојбата е хаотична и пробуваат да воспостават ред. Пред гаражите на Собранието пристигнав во 20:50 часот – изјави сведокот.
Судскиот процес го води судијката Добрила Кацарска, а застапници на обвинението се Вилма Русковска и Ивана Трајчевска.
Претходно, обвинетиот Вилијам Михајловски се пожали на болки во главата, поради што почетокот на рочиштето беше одложено за 15 минути. Судијката Кацарска, по медицинскиот преглед констатира дека од медицинската екипа Судот е известен дека нема здравствени проблеми, освен скршен заб и на истиот му е дадена терапија.
Случајот се наоѓа во доказна постапка и изнесување на докази предложени од одбраната.
На минатото рочиште обвинетите пратеници Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски и Јохан Тарчуловски се откажаа од давање одбрана пред Судот.
За случувањата во Собранието на 27 април 2017 година обвинети се вкупно 33 лица, од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување. Претходно поради влошена здравствена состојба на обвинетиот Сашко Марковски постапката за него беше одвоена и треба да продолжи по еден месец.
Меѓу обвинетите се повеќе пратеници, вработени во МВР и собраниското обезбедување, уметници. Тие пред Судот кажаа дека го разбираат обвинението, но не се чувствуваат за виновни.
На обвинителната клупа се Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Јошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски.