Џуд Белингем е составен од неверојатни луѓе. Не сум само јас. Тоа е затоа што имам одлична мрежа за поддршка, моето семејство, моите пријатели, соиграчите. Играњето фудбал е најлесниот дел, вели Белингем, кој на 20-годишна возраст веќе е еден од клучните играчи на Англија, можеби клучниот играч, пишува „Би-би-си“
ФУДБАЛ – ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО ГЕРМАНИЈА
Извонредниот подем на Џуд Белингем продолжи со победничкиот гол на Англија на мечот со Србија на Европското првенство (ЕП) во фудбал, по што селекторот Герет Саутгејт го прогласи за играч што „сам ги пишува своите сценарија“, пишува „Би-би-си“. Белингем (20) стана првиот европски фудбалер што се појавил на три големи меѓународни турнири пред да наполни 21 година. Тој исто така постигна гол на два од турнирите, откако се запиша во листата на стрелците на Светското првенство во 2022 година.
– Подготвен сум да направам сѐ што е потребно за да ѝ помогнам на репрезентацијата да го освои овој фудбалски турнир – изјави Белингем.
По сезоната во која ги освои шпанската титула и Лигата на шампионите со Реал Мадрид, Белингем е вториот фаворит за освојување на годинашната награда „златна топка“, за најдобар во светот во една година. Ако Англија го освои ЕП 2024, тој би можел да ја освои таа награда.
– Џуд Белингем е составен од неверојатни луѓе. Не сум само јас. Тоа е затоа што имам одлична мрежа на поддршка, моето семејство, моите пријатели, соиграчите. Играњето фудбал е најлесниот дел. Се навикнав да влегувам во шеснаесетникот, да одам широко и да се обидувам да го сторам тоа. Ја стекнав таа навика во Мадрид и сакав да ја пренесам мојата форма на ЕП. Ова е одличен почеток за мене лично, да ја кренам мојата самодоверба, а најважното е да им помогнам на момците да победат – рече Белингем, пренесе „Би-би-си“.
Почетокот во Стурбриџ
Белингем почнал да игра фудбал на околу четири години, но во почетокот „не бил навистина заинтересиран“, според неговиот прв тренер. Фил Вулдриџ изјави за „Би-би-си“ во 2022 година дека „не беше прекуноќ, туку беше прашање на неколку месеци“ за Белингем да влезе во играта. Белингем продолжи, му се приклучи на Стурбриџ јуниорс, детскиот тим формиран од неговиот татко Марк, поранешен нелигашки фудбалер, и од Вулдриџ.
– Единствениот дел што го имав во неговиот развој на фудбалот беше само да го натерам да се обиде и да ужива во тоа – рече Вулдриџ.
На само седум години Белингем ѝ се приклучи на академијата на Бирмингем сити.
Бирмингем по една сезона го повлече бројот 22
Белингем помина една деценија со неговиот клуб од детството Бирмингем, со една сезона во првиот тим. Тренерите од академијата сакаа неговата игра да има делови од дефанзивен играч за врска (традиционално број четири на дресот), играч од шеснаесетник до шеснаесетник (број осум) и креативен фудбалер (број 10). Тие бројки собрани даваат збир 22, кој стана неговиот број на дресот во Бирмингем.
– Тој беше мојот најдобар тренер едукатор, затоа што ако не беше задоволен со сесијата, ако не беше задоволен од видот на патеката по која оди неговиот развој, тој беше првиот човек што ќе ми ги кажеше своите мисли – вели Мајк Додс, еден од тренерите на Белингем во академијата на сините, кој минатата сезона ја заврши како привремен менаџер на Сандерленд.
Поранешниот лев бек на Бирмингем, Пол Робинсон, исто така, беше тренер на Белингем во Сент Ендрју и за „Би-би-си“ изјави како го гледал Белингем во средината на тинејџерските години и „како можеше да диктира игра со неговиот квалитет на додавање“.
– Никогаш не сум видел некој толку млад да биде толку интелигентен во однос на разбирањето на играта – рече Робинсон.
Белингем стана најмладиот сениорски играч на Бирмингем сити на возраст од 16 години и 38 дена. Во првенството забележа 41 настап и постигна четири гола. Но, Бирмингем знаеше дека е предодреден за многу поголеми работи и по една сезона во првиот тим, ѝ беше продаден на Борусија Дортмунд за 25 милиони фунти во летото 2020 година, пишува „Би-би-си“.
Неговото влијание беше толку големо што Бирмингем го повлече дресот со број 22, гест што обично се чува за најголемите легенди на клубовите. Тој потег во тоа време беше исмеан, но набрзо почна да има некаква смисла.
Дортмунд, Мадрид
Белингем се пресели во Германија на 17-годишна возраст, по само една сезона второлигашки фудбал во Англија. Но, тој веднаш импресионира во клуб познат по развојот на млади таленти. Белингем почна да игра во слична дефанзивна улога во средниот ред како онаа што ја имаше во Бирмингем, но на крајот почна да игра повеќе во улога на играч меѓу двата шеснаесетника. За три години во Германија постигна 24 гола на 132 меча, од нив 14 во неговата последна сезона во Борусија.
– Мислам дека сето тоа беше малку изненадување. Не мислев дека ќе имам такво влијание како што имам – рече Белингем.
Белингем потоа му се приклучи на веројатно најголемиот клуб во светот, Реал Мадрид, лани, за сума од 88,5 милиони фунти. Очекувањата беа очигледно големи за играч со огромно ветување и голема цена, но тој ги надмина сите нив со полна сезона со голови и со освоени трофеи. Играјќи во понапредна улога за Реал, како број 10 или центарфор, тој ја заврши сезоната како најдобар стрелец и асистент на тимот, со 23 гола и 11 асистенции на 39 меча.
Некои од нив беа и огромни голови. Неверојатно, тој постигна победнички гол во последната минута во „Ел класико“, против нивниот вечен ривал Барселона… двапати, пишува „Би-би-си“. Тој постигна два гола, вклучувајќи го и победничкиот во судиското дополнување на времето во победата на Реал со 2-1 против Барселона во октомври, а потоа погоди во последната минута на дуелот дома во април. Во јануари тренерот на Реал, Карло Анчелоти, изјави дека Белингем е „очигледно најдобриот“ играч во светот „имајќи на ум дека тој мораше да се прилагоди на нашиот клуб, на новата култура и јазик“.
Белингем беше прогласен за играч на сезоната во Ла лига и го освои признанието „Лауреус“ за „светски спортски пробив на годината“ за 2024 година за кој било спорт.
– Кога замина му го кажав истото што му го кажав на Ерлинг Холанд – горд сум што бев нивен тренер. Тоа е негова прва победа во Лигата на шампионите и тоа е горд момент за него – рече тренерот на Борусија Дортмунд, Един Терзиќ, кој неодамна ја напушти функцијата.
Ѕвездата на Англија
По сиот тој клупски успех стана очигледно дека Белингем на 20-годишна возраст веќе е еден од клучните играчи на Англија. Можеби клучниот играч, пишува „Би-би-си“.
– Никогаш не сум видел некој толку зрел за неговата возраст – изјави соиграчот од репрезентацијата, Фил Фоденм за „Дејли мејл“ во април.
Белингем веќе играше на ЕП 2020, кога Англија загуби во финалето на пенали, потоа на Светското првенство во 2022 година и сега е на ЕП 2024. Тој е вториот фудбалер што постигнал гол на Светското првенство и на ЕП пред да наполни 21 година, по Мајкл Овен, кој, случајно, е последниот англиски фудбалер што ја освоил „златната топка“, пишува „Би-би-си“. Н.М.