Девет лица се повредени во пукање во аквапарк во градот Рочестер, Мичиген, кога вооружен маж кој излегол од возило испукал 28 истрели од полуавтоматски пиштол – соопшти полицијата.
Откако пукал во аквапаркот, напаѓачот отишол дома и се самоубил, изјавил шерифот на округот Оукланд, Мајкл Бушар.
Напаѓачот возел до аквапаркот и отворил оган со полуавтоматски пиштол, кој притоа двапати го наполнил.
Шерифот Бушар им рекол на новинарите дека пукањето изгледало случајно и дека нема очигледна врска меѓу напаѓачот и повредените.
Според него, полицијата на местото на злосторството пристигнала за две минути од моментот кога биле повикани, а идентитетот на напаѓачот брзо бил откриен, по што полицијата отишла во неговата куќа и ја опколила.
Тој изјави дека еден од повредените во нападот, осумгодишно момче е во критична состојба и додека неговиот четиригодишен брат, кој бил застрелан во бутот е во стабилна состојба.
Бушар додаде дека во критична состојба е и 39-годишна жена, која била застрелана во стомакот и нозете.