Фото: ЕПА

Роналдо досега постигна неверојатни 130 гола на 207 натпревари за Португалија против 47 репрезентации. На ЕП тој е рекордер во категориите настапи, голови, натпревари, удари во гол…, а на ЕП 2024 може да израмни или да постави нови рекорди во неколку други категории

ФУДБАЛ – НА ЕП 2024

На 39-годишна возраст, Кристијано Роналдо ја предводи Португалија во обидот повторно да стане европски фудбалски шампион, откако ѝ помогна на таа репрезентација да го освои трофејот на Европското првенство (ЕП) во 2016 година и одигра витална улога во квалификациите за континенталното првенство што почна синоќа во Германија, бидејќи тимот на селекторот Роберто Мартинез ги доби сите 10 натпревари, пишува „Би-би-си“. На ЕП 2024, Роналдо, кој во тест-меч со Република Ирска постигна два нови гола и сега има неверојатни 130 меѓународни погодоци на 207 натпревари за Португалија против 47 различни репрезентации, може да подобри, но и да постави нови рекорди на европските првенства.

РЕКОРДИ ВО НЕГОВА СОПСТВЕНОСТ

– Настапи: Роналдо првпат играше на ЕП во 2004 година, на 19 години, и може да го зголеми рекордот што го држи едноставно со излегување на теренот. Тој веќе е единствениот фудбалер што ја претставувал својата земја на пет европски првенства.
– Голови: Тој постигна 14 гола на ЕП, и тоа два во 2004 година, еден во 2008, три во 2012 и во 2016 година и пет во 2021 година, со кои беше заеднички најдобар стрелец на тој турнир, пишува „Би-би-си“. Двата гола на дуелот со Унгарија на воведниот натпревар на Португалија на ЕП пред три години го однесоа Роналдо над вкупно деветте на Мишел Платини за нов рекорд. Англичанецот Алан Ширер и Французинот Антоан Гризман имаат по седум гола…, а од другите актуелни учесници на ЕП 2024 Белгиецот Ромелу Лукаку и Шпанецот Алваро Мората досега постигнаа по шест. Роналдо, исто така, го држи рекордот како единствениот фудбалер што постигнал барем три гола на повеќе европски шампионати.
– Натпревари: Тој играше на сите мечеви на Португалија, освен на еден на секој од претходните пет турнири. Како резултат на тоа, Роналдо одигра вкупно 25 средби и тоа е уште еден рекорд, а неговите сонародници Жоао Мутињо и Пепе се следни на оваа листа со по 19 натпревари.
– Удари во гол: Од 1980 година никој не му се доближи на Роналдо во категоријата удари во гол. Роналдо има 137 шута, а потоа се Французинот Тиери Анри со 52, Французинот Зинедин Зидан и Холанѓанецот Денис Бергкамп по 48…

КОИ РЕКОРДИ МОЖЕ ДА ГИ ПОСТАВИ НА ЕП 2024?

– Создадени шанси: Роналдо не ги држи сите напаѓачки рекорди. Повторно од 1980 година, рекордот за најмногу создадени шанси го држи португалскиот великан Луис Фиго со 42. Роналдо заостанува само еден.
– Асистенции: Поранешното крило на Манчестер јунајтед, Карел Поборски од Чешка, моментно го дели рекордот со Роналдо за најмногу асистенции, со по шест, а играчот од средниот ред на Манчестер сити и на репрезентацијата на Белгија, Кевин де Брујне, е меѓу оние со по пет и ќе се обиде да ја зголеми таа бројка во Германија, пишува „Би-би-си“.
– Највозрасен стрелец: Роналдо со 39 години не е највозрасниот играч во репрезентацијата на Португалија, откако таа чест му припаѓа на Пепе. Ако 41-годишниот дефанзивец не постигне гол, Роналдо би можел да стане највозрасниот стрелец во историјата на ЕП и да го надмине рекордот на Австриецот Ивица Вастиќ, кој имаше 38 години и 257 дена кога постигна погодок на ЕП 2008. Рекордот за највозрасен стрелец во финале на ЕП, исто така, може да биде соборен, а тој рекорд сега го држи Италијанецот Леонардо Бонучи, кој имаше 34 години кога израмни на дуелот со Англија пред три години, пишува „Би-би-си“.
– Капитен победник: Ако Португалија го повтори успехот од 2016 година, тогаш Роналдо ќе стане само вториот играч, по Шпанецот Икер Касиљас во 2008 и 2012 година, кој освоил две титули на ЕП како капитен.
– Голови на едно ЕП: Роналдо е еден од деветтемина што постигнале пет или повеќе гола на едно европско првенство, благодарение на неговите пет погодока во 2021 година, а само Платини (девет во 1984 година) и Гризман (шест во 2016 година) имале поефикасни шампионати. Н.М.