Британскиот весник „Тајмс“ пишува дека видел правен документ од 165 страници во кој Манчестер сити тврди дека е жртва на „дискриминација“, дека изменетите правила биле одобрени од ривалите за да го „задушат“ нивниот успех на теренот и дека тоа го нарекуваат „тиранија на мнозинството“

ФУДБАЛ

Англискиот фудбалски клуб Манчестер сити следната недела треба да се соочи со Премиер-лигата во правна битка околу комерцијалните правила на организацијата. Според британски „Би-би-си спорт“, тоа подразбира арбитражно сослушување (10-21 јуни), околу законитоста на правилата за трансакцијата на поврзаните страни на лигата, кои одредуваат дали спонзорските договори се финансиски „праведни“.
Во февруари годинава, „Би-би-си спорт“ објави дека на Премиер-лигата ѝ се заканува правна постапка поради промените во нејзините правила. На преостанатите клубови од Премиер-лигата им беше откриено дека Манчестер сити е клубот за кој станува збор, а лигата им нуди на другите 19 члена можност да дадат изјави на сведоци како дел од случајот. Ниту Премиер-лигата ниту Манчестер сити не одговориле на барањата за коментар во врска со случајот.
Сепак, британскиот весник „Тајмс“ пишува дека видел правен документ од 165 страници во кој Манчестер сити тврди дека е жртва на „дискриминација“, дека изменетите правила биле одобрени од ривалите за да го „задушат“ нивниот успех на теренот и дека тоа го нарекуваат „тиранија на мнозинството“.
Од Манчестер сити всушност ги оспоруваат правилата што беа донесени по преземањето на премиерлигашот Њукасл од страна на конзорциум предводен од Саудиска Арабија. Во таа ситуација беше решено дека на сите спонзорски договори што се директно или индиректно поврзани со сопственикот ќе мора да им се направи независна процена и да се утврди дали имаат правилна пазарна вредност. Целта на ваквото правило беше да се спречат вештачки зголемените суми за да се полнат клупските каси за повеќе играчки засилувања.
Минатиот месец Манчестер сити стана првиот клуб во историјата на англискиот фудбал што ја освојува шампионската титула четири сезони во низа. Овој потег доаѓа неколку месеци пред дисциплинската комисија во Премиер-лигата да сослуша над 100 обвиненија против Манчестер сити за кршење на неговите финансиски регулативи, од кои некои датираат од 2009 година. Некои од тие давачки се однесуваат на сумите што му ги плаќале на Манчестер сити спонзори поврзани со Абу Даби.
Новите правила околу спонзорските договори беа договорени претходно годинава од потребните минимум 14 клуба. Во тоа време Премиер-лигата рече дека овој потег „ќе ги подобри ефикасноста и прецизноста на системот“. „Тајмс“ пишува и дека покрај оспорувањето на правилата, Манчестер сити бара и отштета. Г.И.