Одржана комеморација за познатиот естраден и спортски менаџер Велибор Џаровски – Џаро
Голем број на музички ѕвезди, соработници и пријатели на Велибор Џаровски – Џаро присуствуваа на комеморацијата за неодамна починатиот естраден и спортски менаџер, одржана денеска во Домот на култура во Ѓорче Петров.
Познатите музички ѕвезди Влатко Стефановски, Драган Мијалковски, Калиопи, Влатко Плевнеш, Марко Маринковиќ – Слаткар, сопственикот на радио „Бубамара“ Ранко Петровиќ, водителот Александар Блажевски, угостителот и пријател Саша Сотаровски и градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, беа меѓу оние што се обратија на комеморацијата, споделувајќи анегдоти од соработката и пријателството со Џаровски.
Настанот симболично беше организиран на 40-тиот ден од смртта на Џаровски, на местото каде што ги организирал првите концерти и игранки.
– Како што во Југославија докажував дека Македонија не е културна провинција, така и Скопје го уверив дека ни Ѓорче Петров не е провинција – рече Џаровски во автобиографската книга „Живот на коцка“ која излезе минатата година.
Идејата на овој начин да се сочува споменот на Џаровски е на Општина Ѓорче Петров, чии претставници ја организираа комеморацијата заедно со семејството на Џаровски.
Велибор Џаровски – Џаро почина на 75-годишна возраст по кратко боледување, на 25 април годинава.