Рускиот претседател, Владимир Путин ѝ се закани на Европа со сериозни последици доколку на Украина ѝ се дозволи во иднина да користи прецизно оружје со голем дострел доставено од Запад врз руска територија.
– Тие претставници на НАТО, особено во Европа и особено во малите земји, треба да разберат со што си играат – рече Путин на крајот од неговата државна посета на Узбекистан.
Тој навести дека Русија може да преземе воени контрамерки и рече дека особено помалите земји не треба да заборават дека нивните територии не се големи и дека се густо населени. Путин го обвини Западот дека продолжува со ескалацијата.
– Современите вооружени системи како што е ракетниот систем ATACMS не се управувани од украински војници, туку од висококвалификувани експерти на НАТО врз основа на податоци од сателитски извидувања – тврди тој.
Досега тоа оружје главно беше насочено кон украинската територија окупирана од Русија.