РАКОМЕТ – ЛИГА НА ЕВРОПА
Германското финале за Фленсбург
Екипата на Фленсбург е победник на завршниот турнир во годинашната Лига на Европа, откако во германското финале одиграно во Хамбург (Германија) славеше со 36-31 против досегашниот првак Фуксе Берлин. Со овој успех Фленсбург за првпат во својата историја стана шампион во новиот формат на ова второ по ранг натпреварување на Европската ракометна федерација (ЕХФ).
Најдобар поединец кај победничкиот клуб беше левото крило Емил Јакобсен со седум гола, а кај поразениот состав левото крило Џери Толбринг, кој исто така седум пати ја затресе противничката мрежа. Во натпреварот за третото место, германскиот претставник Левен го совлада со 32-31 романскиот клуб Динамо Букурешт. Г.И.
СП ВО ХОКЕЈ НА МРАЗ
Чешка седми пат на врвот
Машката репрезентација на Чешка по седми пат стана светски првак во хокеј на мраз, откако во финалето, кое се одигра во главниот град на Чешка, Прага, ја совладаа Швајцарија со 2-0. На тој начин Чесите по 14 години повторно ја освоија светската круна, додека Швајцарците ќе мора да причекаат на своето прво злато.
Двата гола беа постигнати во третиот период од играта. Давид Пастрнак го реализира првиот погодок на десет минути пред крајот на мечот, а Давид Кампф со гол во празна мрежа на 19 секунди до крајот ја зголеми предноста. Одлично бранеше чешкиот голман Лукас Достал, кој впиша дури 31 одбрана.
Во мечот за бронзата, Шведска ја победи Канада со 4-2, што е прв медал за Швеѓаните по 2017 и 2018 година кога беа светски прваци. Од елитната дивизија отпаднаа Велика Британија и Полска, а се вратија Унгарија и Словенија. Идното СП ќе се одржи во Шведска и во Данска. Г.И.