Седум месеци од избувнувањето на конфликтот меѓу Израел и Хамас предизвикан од терористичките напади на палестинската воена организација, претседателот на судот во Хаг смета дека има доволно факти за извршени воени злосторства за да се бара апсење и да им се суди на лидерите на Израел и на Хамас
МЕЃУНАРОДНИОТ КРИВИЧЕН СУД (МКС) ПРЕД ГОЛЕМ ТЕСТ
Бенџамин Нетанјаху со бес одговори на веста дека може да се соочи со налог за апсење за воени злосторства и злосторства против човештвото. Тоа беше „морален бес од историски размери“, рече тој. Израел „водеше праведна војна против Хамас, геноцидна терористичка организација што го изврши најтешкиот напад врз еврејскиот народ по холокаустот“.
Во жесток личен напад, Нетанјаху, како што објави Би-би-си, рече дека Карим Кан, главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд (МКС), е еден од „големите антисемити во модерното време“.
Кан, како што рече тој, бил како судиите во нацистичка Германија што ги негирале основните права на Евреите и го овозможиле холокаустот. Неговата одлука да бара потерници против израелскиот премиер и министерот за одбрана „безобразно долеа бензин врз пожарите на антисемитизмот што беснеат низ целиот свет“.
Но ова барање на Кан беше дочекано на нож и во САД, како од администрацијата на претседателот Џо Бајден, така и од кампот на поранешниот претседател Доналд Трамп.
Гневот изразен од премиерот, а кој се повтори и од политичкото раководство на Израел, беше генериран од страници со внимателно избран правен јазик во изјавата издадена од Кан, главниот обвинител на МКС, кој е советник на британскиот крал.
Збор по збор, ред по ред, тие се надоврзуваат на катастрофална серија на обвинувања против тројцата најистакнати лидери на Хамас, како и премиерот и министерот за одбрана на Израел.
НИТУ ЕДЕН ПЕШАК НИТУ КОМАНДАНТ НЕ СМЕЕ ДА ПОМИНЕ НЕКАЗНЕТО
Решеноста да се применуваат меѓународното право и законите за оружен конфликт за сите страни, без разлика кои се тие, лежи во основата на изјавата на Кан во која тој го изложува своето оправдување за барањето налози за апсење. И токму тоа ги разгневи духовите пред сѐ во Ерусалим и во Вашингтон.
– Ниту еден пешак ниту командант ниту еден цивилен водач – никој не може да дејствува неказнето. Законот не може да се применува селективно. Ако се случи тоа, ќе создадеме услови за негово пропаѓање – нагласи Кан.
Американскиот претседател Џо Бајден рече дека е „срамота“ да се бара налог за апсење, зашто „нема никаква сличност, ниту една, меѓу Израел и Хамас“.
Хамас побара повлекување на обвинувањата против неговите водачи, тврдејќи дека обвинителот на МКС „ја изедначува жртвата со џелатот“. Се наведува дека барањето за издавање налози за апсење на израелското раководство дошло со седуммесечно задоцнување, откако „израелската окупација извршила илјадници злосторства“.
Претседателот на МКС не прави директни споредби меѓу двете страни, туку само го изнесува своето тврдење дека и двете извршиле серија воени злосторства и злосторства против човештвото.
МПАЛЕСТИНА ОД МЕЃУНА РОДНИОТ КРИВИЧЕН СУД (МКС) Е ТРЕТИРАНА КАКО ДРЖАВА
Судот ја третира Палестина како држава бидејќи има статус на набљудувач во Обединетите нации, што значеше дека може да го потпише Римскиот статут што го создаде МКС. Нетанјаху изјави дека Палестинците никогаш нема да имаат независност додека е тој на власт.
Групите за човекови права го поздравија начинот на кој обвинителот на МКС се обидува да го примени законот на двете страни. „Бтселм“, водечка израелска организација за човекови права, рече дека налозите го означуваат „брзиот пад на Израел во морална бездна“.
– Меѓународната заедница му сигнализира на Израел дека повеќе не може да ја одржува својата политика на насилство, убивање и уништување без одговорност – додаваат од „Бтселм“.
Кан вели дека тројцата главни водачи на Хамас извршиле воени злосторства што вклучуваат истребување, убиства, земање заложници, силување и тортура.
Именуваните лица се Јахја Синвар, водачот на Хамас во Газа, Мохамед Деиф, командант на бригадите Касам, нивното воено крило и Исмаил Ханије, шеф на политичкото биро на Хамас. Како дел од нивната истрага, Карим Кан и неговиот тим интервјуираа жртви и преживеани од нападите на 7 октомври.
Тој рече дека Хамас ги нападнал основните човечки вредности: „љубовта во семејството, најдлабоките врски меѓу родителот и детето, за да нанесат неизмерлива болка преку пресметана суровост и екстремна бесчувствителност“.
Израел, според Кан, има право да се брани. Но, „несовесните злосторства“ не го „ослободуваат Израел од неговата обврска да се придржува кон меѓународното хуманитарно право“.
Неуспехот да се стори тоа, како што рече тој, го оправдува издавањето налози за апсење на г. Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант за злосторства, вклучувајќи и предизвикување глад како воено оружје, убиства, истребување и намерни напади врз цивили.
Судискиот совет на МКС сега ќе разгледа дали да ги издаде налозите за апсење. Земјите потпишани на Римскиот статут на МКС тогаш ќе бидат обврзани да ги приведат лицата за кои ќе биде распишана потерница. Како и што беше на пример во случаите со апсењето на српскиот претседател Слободан Милошевиќ и воениот лидер Ратко Младиќ.
Меѓу 124-те потписници на Римскиот статут не се Русија, Кина и САД, а ниту Израел.
Премиерот на Обединетото Кралство, Риши Сунак, рече дека активностите на Меѓународниот кривичен суд (МКС) „не биле корисни за да се постигне пауза во борбите, да се извлечат заложниците или да се даде хуманитарна помош“. Но, ако налозите бидат издадени, Британија ќе мора да ги уапси, освен ако не може успешно да тврди дека Нетанјаху има дипломатски имунитет.
Важен исклучок за Нетанјаху и за Галант се САД. Белата куќа верува дека МКС нема јурисдикција во конфликтот. Американскиот државен секретар Ентони Блинкен објави дека САД го отфрлаат барањето на обвинителството на МКС за налози за апсење на израелските функционери и лидерите на Хамас.
– Ние исто така го отфрламе изедначувањето на Израел со Хамас од страна на обвинителот – рече Блинкен, истакнувајќи дека одлуката на МКС за апсењата може да ги загрози напорите за воспоставување прекин на огнот, ослободување заложници и зголемување на хуманитарната помош за Газа. Х.И.
Советникот на Трамп бара санкции за судиите на МКС оти биле корумпирани
САД треба да воведат санкции за претставниците на Меѓународниот кривичен суд во Хаг што бараат налог за апсење на израелскиот премиер Бенџамин Нетанјаху, изјави главниот советник за надворешна политика на републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп по средбата со израелскиот лидер.
– Можеме да санкционираме банкарски сметки, патувања. Можеме да ставиме визни ограничувања на овие корумпирани обвинители и судии. Ова е местото каде што можеме да покажеме вистинска храброст – изјави Роберт О’Брајан за „Ројтерс“ од Ерусалим.