Пратениците во хрватскиот Сабор синоќа гласаа за доверба на новата влада на премиерот Андреј Пленковиќ. За доверба на Владата гласаа 79 пратеници, против беа 61 пратеник, а еден беше воздржан.
Претседателот и членовите на Владата потоа дадоа заклетва пред пратениците, со што Андреј Пленковиќ го започна третиот последователен мандат како премиер.
Во Собранието денеска беше претставена четиригодишната програма на новата Влада, која се заснова на „успешна, витална, праведна, одржлива и суверена Хрватска“.
Во новиот мандат, владата на Пленковиќ најавува просечна нето плата од 1.600 евра, минимална бруто плата од 1.250 евра, како и отворање на 125.000 нови работни места.
До крајот на мандатот на новата влада, пензиите треба да се зголемат за најмалку 30 отсто, со што просечната пензија би изнесувала најмалку 750 евра.
Новата влада наместо досегашните 16 ќе има 18 министерства и седум потпретседатели.
Откако хрватскиот Сабор вчера ја поддржа 16-та Влада на Република Хрватска, а третата предводена од лидерот на Хрватската демократска заедница (ХДЗ) Андреј Пленковиќ, тој во изјава за медиумите рече дека првата седница на новата Влада ќе биде в понеделник и најави продолжување на посветената работа во интерес на хрватскиот народ.
– Благодарам на мнозинството во хрватскиот Сабор што ни ја укажа довербата да станеме Влада на Република Хрватска по трет пат и ние, како што правевме претходните осум години, посветено ќе работиме во интерес на хрватскиот народ, сите наши сограѓани, економијата, врската меѓу татковината и иселениците Хрвати и да спроведеме програма врз основа на која ја добивме довербата на хрватските гласачи – рече Пленковиќ.
Тој им се заблагодари на сите партнери кои ја поддржаа Владата.