Нова политичка реалност во Македонија

Македонската политичка сцена е засекогаш промената! Тоа е клучниот заклучок по изборниот круг од 8 мај. Може да ставиме точка и на 1990-тите и на 2000-тите и на 2010-тите. Наедно, заврши и отровното поглавје на македонската политика што започна со подемот на Зоран Заев во 2014 година, неговиот бојкот на Собранието, а продолжи со „бомбите“, Шарената револуција, обидот за востание во Диво Насеље, протестите под слоганот „За заедничка Македонија“, кулминацијата на таа политичка декада на 27 април 2017 година, Преспанскиот договор, етнонационалистичкиот пир на ДУИ по претседателските избори од 2019 и особено по парламентарните од 2020 година, договорот Ковачевски-Петков и фамозната македонската преговарачка рамка, јулските протести од 2022 година, за конечно да заврши со претседателските и парламентарните избори од 2024 година.
Веќе пишував за избори што се меѓници или вододелници во македонската политика. Не треба премногу длабока анализа за да се впише 2024 година во тој контекст. Првиот заклучок се однесува на ВМРО-ДПМНЕ. „Партија со опасни намери“ од почетокот на 1990-тите помина долг пат низ сите овие години. Во 2024 година тие останаа единствен стожер на македонската политичка сцена и конечно го заслужија своето членство во Европската народна партија. ВМРО-ДПМНЕ, под палката на Христијан Мицкоски, сега е центристичката сила во македонската политика, партија што е природен избор на македонскиот граѓанин, а наедно и партија со максимален коалициски потенцијал. Не постои парламентарна партија што не може да коалицира со ВМРО-ДПМНЕ во актуелното Собрание. Покрај тоа, граѓаните на Македонија конечно добија и партија со идеолошка платформа што е прагматична, практична, но и ја отсликува националната визија на Македонија, без да се забегува во екстремите или во некои мрачни сценарија. Дури и актуелниот конзервативизам на ВМРО-ДПМНЕ е како излезен од оној фамозен цитат од драмата „Отело“ на Шекспир дека „некои нешта мора да се променат за сè да остане исто“. Задача на Христијан Мицкоски е сега овој прагматизам и национална визија да ги пренесе и во власта, па македонскиот граѓанин конечно повторно да се стекне со впечаток дека одговорно се управува со земјата, активно се бори против корупцијата и се настојува да се стигне до идеалот на владеење на правото.
Далеку поголем труд на ВМРО-ДПМНЕ и на Христијан Мицкоски престои во полето на надворешната политика, тоа вечно потфрлување на оваа партија и на нејзините лидери. Дури и најсуверената држава во светот, САД, мора да внимава на меѓународните околности и да ја приспособува својата политика на глобалните реалности. Досега ВМРО-ДПМНЕ никогаш не ја научи лекцијата дека домашната демократска поддршка не е доволна за успешно владеење, туку дека се потребни и активна надворешна политика, прагматично приспособување и паметна борба за националните приоритети. На Мицкоски веќе во самиот старт му престои влез во најконтроверзното досие со Бугарија, отворање дијалог со Грција за излез од хаосот што го остави Преспанскиот договор, со кој се создадоа многу повеќе проблеми и во двете општества отколку што се решија, како и заедничката борба со преостанатите земји од Западен Балкан за продолжување и заокружување на европската интеграција. Овој испит, надворешната политика, ќе го утврди и цементира ВМРО-ДПМНЕ како единствен стожер или, пак, повторно ќе доведе до негово излетување од шините.
ДУИ е жртва на сопствената ароганција. Тие се доведоа во онаа положба каде што беа српските радикали во 2000-тите години на векот, односно најголема партија кај сопственото гласачко тело, но токсична партија со која никој не сака да влезе во коалиција поради нивната реторика, нивната ароганција и лошата политика. ДУИ не разбра дека македонската реалност е променета со влезот на земјата во НАТО и дека од парламентарните политички партии, а особено од владејачките политички партии се очекува врвна одговорност кон демократскиот процес и кон обврските што произлегуваат од членството на Македонија во Алијансата и идното членство во НАТО. Веќе не постои политички простор за партија што своето учество во власта го заснова на сопствениот потенцијал за дестабилизација на земјата. Така што ДУИ се наоѓа пред крстопат на своја внатрешна промена и конечна интеграција во македонската политика, но како системска партија, а не како партија што постојано го предизвикува поредокот.

СДСМ одамна се наоѓа во идентитетска криза, но сега се доведе во ситуација да падне под двесте илјади гласа и под 30 пратеници. Прашање е дали уште може да се каже дека оваа партија е стожер на македонската политика и дали може да даде премиер. Прашање е и колкави се уште моќта и големината на гласачкото тело, кое бара алтернативен политички пол, јасно отклонет од ВМРО-ДПМНЕ. Преспанскиот договор, преговарачката рамка и договорот Ковачевски-Петков, некритичкиот однос кон ДУИ, како и комплетното потфрлање на секојдневното владеење на СДСМ во периодот на владите на Заев (и Ковачевски) ќе остави долга сенка над оваа партија. Само коренито видоизменување, со сосема нова платформа, со враќање кон патриотизмот и со јасен европски исчекор може да го извади СДСМ од претсмртна кома. Не сум сигурен колку гласачи би поддржале постнационална платформа, но јасно е дека Максим Димитриевски, со неговото движење Знам се заканува да го земе асномското јадро на СДСМ.
Токму Знам е интересниот феномен на овие избори. Доколку амбициите на Димитриевски се скромни, тогаш Знам ќе се сведе на локален феномен и на движење што било само една искра што набргу ќе згасне. Но, доколку намерата на Максим е тој да го изгради и да го предводи новиот алтернативен пол на македонската политика, новиот архипротивник на ВМРО-ДПМНЕ, тогаш допрва ќе следиме возбудлива динамика на македонската политичка сцена.
Се чини дека коалицијата Вреди го најде магичното стапче за детронизација на ДУИ кај Албанците. Ќе остане вечна дилема кој, всушност, го добил албанскиот глас во Македонија на овие избори. Не се сеќавам некоја етничка партија да надмине 100 илјади гласа, а притоа и да не победи помеѓу Албанците. Исто така, овие гласови се чисти како солза, за разлика од чудната коалиција на ДУИ, со муслиманските малцинства и коруптивните пари што се слеваа кај ранливите категории од овие слоеви. Проблемот кај коалицијата Вреди е нивната програмска разнородност, од тврдо националната Алијанса, многуслојните струи на Беса и на Алтернатива, па до Демократското движење на Изет Меџити, кое ја собира целата структура на некогашната ПДП што влезе во ДУИ, како и сегментите од ДУИ што оригинално не беа дел од енверистите на Али Ахмети. Ќе биде тешко да се одржи во целина оваа разнородност и ќе бара огромна креативност и внатрешни политички компромиси.
Исто така, својот мандат, но овој пат со пратеничка група, го потврди и Левица.

Тие се интересен феномен на децата на транзициска и рамковна Македонија, децата на многубројните губитници од овие процеси кои бараат исправање на неправдите од овие периоди. Нив ги забележавме и тие вешто го искористија исчекорот на Мицкоски кон центарот за да се позиционираат како радикална опозициска опција. Меѓутоа, сега тие ќе се судрат со потребата од нудење и конкретни политики и сериозност. Антиполитиката е интересна само некое време, но не може да биде опција. Левица го започнува својот пат кон претворање во системска партија или, пак, одот кон амбисот на политичката маргинализација.
Ете, ова е фотографијата на македонската политичка сцена по изборите од 2024 година. Македонската политика е неповратно променета, а допрва ќе следиме во кој правец ќе се развиваат овие отсечки што се обидов да ги исцртам тука. Македонија е секогаш една голема тајна, а на 8 мај нејзините граѓани проговорија дека ја затвораат лошата декада што започна во 2014 година. Следниот испис на волјата на македонскиот граѓанин ќе дојде на локалните избори есента 2025 година, а тогаш ќе следиме каде отишле шесте актуелни политички структури на политичката сцена, ќе се случува ли фрагментација или нова хомогенизација и дали ќе се изродат и нови политички движења. Засега е само јасно дека веќе не сме земја со две стожерни партии туку дека имаме еден силен центар и фрагментирано опкружување. Ќе значи ли овој резултат и раѓање на нова македонска република?

Ивица Боцевски