ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – ЏИРО Д`ИТАЛИЈА
Алафилип славеше на 12-та етапа, Погачар и понатаму води

Французинот Жулиан Алафилип го издржа нападот на групата што го следеше по огромното бегство и ја оствари првата етапна победа на 107-то издание на престижната велосипедската грантур-трка Џиро д’Италија, триумфирајќи во 12-та етапа. Патеката од 193 км имаше доволно искачувања за да им оневозможи на спринтерите да го стигнат Алафилип, кој се одвои од водечката група на повеќе од 100 км до целта, пишува „Би-би-си“. Алафилип, кој беше блиску до победа во шестата етапа, прво ѝ се приклучи на почетната група од 40 возачи, а потоа се оддалечи со Италијанецот Мирко Маестри.
– Отсекогаш верував дека можам да победам, но до последните километар морав да возам со полн гас оти следачите беа блиску зад мене. Мојот сон беше да освојам етапа на Џиро д’Италија. Тоа ме прави среќен и е значајна победа за мене – рече Алафилип.
Словенецот Тадеј Погачар заврши во пелотонот за да ја задржи розовата маичка за водечки велосипедист во генералниот пласман, а Колумбиецот Даниел Мартинез остана втор (2:40 минути зад водечкиот), додека Велшанецот Герент Томас е трет (2,56 минути). На тринеделната трка годинава учествуваат 22 тима, со вкупно 176 велосипедисти, патеката е долга 3.400,8 км, а просечната должина на една етапа е 161,9 км. Лани победи Словенецот Примож Роглич. Г.И.


Заеднички стратегиски план на ФИА и Ф1

Формула 1 (Ф1) во сопственост на Либерти медија и управното тело на Светска автомобилистичка федерација (ФИА) се префрлија на ресетирање на нивните односи со најавата за заеднички стратегиски план за раст на спортот во светот. Двете страни издадоа соопштение пред утрешната трка за големата награда на Емилија Ромања (Италија), првата трка од европската сезона, прогласувајќи дека шампионатот, сега со рекордни 24 трки, никогаш не бил посилен, пишува агенцијата „Ројтерс“.
– ФИА и Ф1 се посветени на постигнување најдобри резултати за целиот спорт. За таа цел, двете страни развиваат нов стратегиски план, кој ќе ни овозможи да ги искористиме можностите и дополнително да го подобриме потенцијалот за Ф1 – се наведува во соопштението на двете страни, иако не беа дадени детали за планот, но упатените велат дека работите се движат во вистинска насока, со заемно фокусирање на големите прашања, пишува „Ројтерс“.
Менаџментот на Ф1 ги има стогодишните комерцијални права на шампионатот, почнувајќи од 2001 година, додека ФИА е одговорна за правилата и за безбедноста, како и за техничкиот персонал, пишува „Ројтерс“. Г.И.