Илустрација: „Нова Македонија“

Во согласност со принципите и начелата заверени под закрилата на ОН, Преспанската спогодба е невалиден и ништовен меѓународен договор. Тој е повеќе „лабораториски“ во функција на создавање нова вештачка нација. Тој не ги содржи принципите на рамноправност, тој е постигнат под политички притисок кон едната договорна страна – Македонија, и е усвоен на нелегален начин. Веќе овие аргументи што ги изнесуваат независни експерти по меѓународно право се доволен аргумент тој договор да се поништи, со што би се отворил пат во некоја скора иднина Грција и Македонија повторно да седнат и да преговараат за идните односи како – рамноправни држави!

„Истакнувајќи дека принципите на слободна согласност и на добра волја и правилото договорите мора да се почитуваат (pacta sunt servanda) се универзално признаени;
Имајќи ги предвид принципите на меѓународното право отелотворени во Повелбата на Обединетите нации, како што се принципите на еднакви права и самоопределување на народите, на суверена еднаквост и независност на сите држави, на немешање во внатрешните работи на државите, на забрана на закана или употреба на сила и универзално почитување и почитување на човековите права и основните слободи за сите…“ се првите точки на Виенската конвенција за договорно право донесена во 1969 година, која стапи во сила дури во 1980 г.
Во согласност со овие принципи и начела преговарани и заверени под закрилата на ОН, Преспанската спогодба е невалиден и ништовен меѓународен договор. Тој е повеќе „лабораториски“ во функција на создавање нова вештачка нација. Тој не ги содржи принципите на рамноправност, тој е постигнат под политички притисок кон едната договорна страна – Македонија, и е усвоен на нелегален начин. Веќе овие аргументи што ги изнесуваат независни експерти по меѓународно право се доволен аргумент тој договор да се поништи, со што би се отворил пат во некоја скора иднина Грција и Македонија повторно да седнат и да преговараат за идните односи како рамноправни држави. Со нагласка дека искуството покажа дека Грција не ја почитуваше Привремената спогодба, не ја испочитува пресудата на Меѓународниот суд на правдата, а сега не ја почитува ниту Преспанската спогодба. Тоа го признаваат и власта и опозицијата во Грција.
Виенската конвенција, како и Преспанската спогодба се јасни – доколку некоја од страните не ја почитува договорната рамка, која било од страните може да се повлече од договорот. Рокот што се дава за таков дипломатски и логичен потег е не помалку од 12 месеци.

АТИНА ПРЕКУ МИЦОТАКИС ПОВТОРНО ГИ ВАДИ „НУКЛЕАРНИТЕ БОМБИ“ – ПРАВОТО НА ВЕТО!

Пораката дека Грција нема да ги ратификува трите меморандуми за соработка сè додека не постои целосно усогласување со одредбите од Договорот од Преспа, но и ставот дека отстапувањето од договорот ќе донесе последици и на европскиот пат на Македонија и во билатералните односи ги изрази грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервјуто за телевизијата Скај, пренесе македонската агенција МИА.
Атмосферата во Атина е речиси идентична како пред повеќе од 15 години кога Македонија чекаше прием во НАТО, но Грција тогаш се закани со употреба на нејзиното „нуклеарно оружје“, а тоа е користење на правото на вето. Не се колебаше да го употреби, а и сега министерот Мицотакис не се колеба да се закани дека ветото го има во арсеналот и ќе го употреби во интегративниот процес на Македонија во ЕУ.
– Во однос на тоа што ќе правиме, со јасна изјава ја предупредив и новата влада на Скопје дека кое било отстапување од договорот, сигурно е дека ќе има сериозни последици во нашите односи со Северна Македонија, но и на патот на Северна Македонија кон Европа – истакна Мицотакис.

Што е ова ако не директна закана?

Тој потсети дека тој бил противник на договорот затоа што со него се гарантира употребата на придавката „македонски“, односно придавките македонска нација и македонски јазик, а не „северномакедонски“.
Коментирајќи ја вчерашната одлука на опозициската СИРИЗА да ги достави во парламентот трите меморандуми, грчкиот премиер рече дека е пракса што „навистина ги достигнува границите на апсурдот“.
Ми направи впечаток фактот што вчера СИРИЗА побрза да ги достави трите меморандуми во парламентот. Сега, кога го гледаме она за што се сомневавме веќе подолг период дека може да дојде следната влада и на некој начин да го оспори јадрото на договорот, што всушност е ерга омнес, односно едно име за сите. Сега да дојдеме ние да ги ратификуваме меморандумите и да го изгубиме секое преговарачко оружје што го имаме за Скопје – истакна грчкиот премиер.
Посочи дека ги следеле политичките случувања во Македонија, гледале дека доаѓа нова влада, го читале тоа што било кажувано и, како што објасни, затоа избрале да не ги ратификуваат меморандумите.
– Ние нема да ги ратификуваме меморандумите сè додека не сме апсолутно убедени дека другата страна е усогласена со сите одредби на Договорот од Преспа – порача Мицотакис.

А МАКЕДОНИЈА НЕМА ЛИ СИЛНО ОРУЖЈЕ ЗА ДИПЛОМАТСКИ НАПАД?!

И по овие заканувачки изјави на грчкиот премиер јасно е дека Владата во Атина нема намера да го спроведува договорот и само како алиби го користи тоа што македонски политичари го користат името Македонија. Но меѓународните конвенции велат дека договорите мора да се почитуваат од сите страни, а во овој случај Грција не го прави тоа, и тоа повеќе од пет години.
Зошто за оваа состојба не реагирала Македонија по дипломатски пат? Зошто не реагирало МНР, како и Мисијата во Њујорк можеби еден ден ќе дознаеме.
Народот на последните избори ја искажа недвосмислено својата волја и сега таа треба да се преточи во снажна дипломатска акција за одбрана на името Македонија, суверенитетот, па и меѓународниот углед, кој е потонат, за да не служиме за потсмев низ светот.
Грција јасно ни кажува и нам и на светот дека нема целосно да го исполни договорот и покрај тоа што Македонија под водство на владата на СДСМ и ДУИ целиот процес на „севернизација“ непотребно го стави во петта брзина. Не треба многу да се мудрува за да се разбере дека Атина останала на своите позиции дека во ЕУ нема да дозволи влез ниту на придавките изведени од името, значи македонска нација, македонско писмо итн. Што треба повеќе од ова за да се испрати нота/известување/допис и храбро да се каже дека „договорот потона во Преспанско Езеро“?

Христо Ивановски


Меѓународен договор ќе биде поништен доколку постои корупција на претставникот на државата што склучува договор
Постојат основи на сомневање и дека Преспанскиот договор е склучен на коруптивен начин?

Виенската конвенција во членот 50 наведува:

Корупција на претставник на држава

Доколку изразувањето согласност на државата да биде обврзана со договор е набавено преку корупција на нејзиниот претставник директно или индиректно од друга држава што преговара, државата може да се повика на таквата корупција со тоа што ќе ја поништи нејзината согласност да биде обврзана со договорот.

Ќе потврди ли полиграфот дали имало коруптивни поведенија? / Фото: „Фрипик“