Годинава младите литерати твореа на тема „Македонија
– мојата татковина, мој дом“. Тоа беше предизвикот што ги разбуди детските чувства и тие преку своите творби ја
постигнаа целта и создадоа
песни и раскази полни со емоции и родољубиви чувства. Но има ли нешто поубаво до пишувањето за татковината? Токму затоа горди сме што годинава има
многу млади литерати што со својата чиста детска мисла ја покажуваат својата љубов кон татковината, вели Јадранка Клисарова, претседателка на
фестивалскиот одбор
на „Ракатки“

Републичкиот литературен фестивал „Ракатки“ годинава слави јубилеен роденден

Во саботата се одржа 20-от јубилеен Републички литературен фестивал за деца „Ракатки 2024“. Место на настанот беше фискултурната сала на ООУ „Димитар Миладинов“ во скопската општина Центар, каде што и сѐ започна пред две децении. И оттогаш досега се напишаа многу творби, се одржаа голем број фестивали, се родија многу пријателства. Своите почетоци на оваа манифестација ги направи и нашиот соработник, младиот македонски поет Филип Димкоски, кој неколку години беше и негов водител.
Фестивалот се одржувал во повеќе скопски основни училишта, а неколку изданија проследивме и во хуманитарниот дом „Даре Џамбаз“ во Скопје. „Ракатки“ две години гостуваше во Прилеп и во Радовиш, кои се убави спомени за сите учесници.
Сведоштво за секоја одржана манифестација е фестивалскиот алманах, со сите избрани песни во соодветната година, убав спомен и за учениците учесници и за нивните ментори, а секако и за историјата на фестивалот.
Се разбира, сите овие години „Колибри“ е верна сенка на „Ракатки“, од објавувањето на конкурсот, па на резултатите на своите страници, репортажи од сите фестивалски изданија и во текот на годината објавување многу детски творби.
Токму затоа и годинава, како и претходните, од страна на фестивалскиот одбор ни беше доделена благодарница за соработка и поддршка во реализацијата на 20-то фестивалско издание.

Успешна приказна

По интонирањето на фестивалската химна, на присутните им се обрати Јадранка Клисарова, претседателка на фестивалскиот одбор на „Ракатки“.
Таа посочи дека никогаш не смееме да заборавиме дека идеен творец и иницијатор за постоењето на фестивалот е писателката Славка Арсова, која поради здравствени проблеми беше спречена да дојде, но беше известена за сите подготовки, а и учествуваше во некои од нив. Арсова испрати поздрави до сите што беа дел од годинашното издание, а најмногу до децата. Зашто токму за нив, за поттикнување на нивниот талент и за зголемување на љубовта кон пишаниот збор, пред 20 години таа сесрдно настојувала да се создаде оваа манифестација.

Секако, и други врвни македонски писатели, наставници и ментори се дел од оваа успешна приказна, чии главни херои се децата, творци на прекрасна поезија и проза.
– Тие ведри насмеани детски лица секоја година му даваат посебен белег на овој престижен детски литературен фестивал. Годинава младите литерати твореа на тема „Македонија – мојата татковина, мој дом“. Тоа беше предизвикот што ги разбуди детските чувства и тие преку своите творби ја постигнаа целта и создадоа песни и раскази полни со емоции и родољубиви чувства. Но има ли нешто поубаво до пишувањето за татковината? Токму затоа горди сме што годинава има многу млади литерати што со својата чиста детска мисла ја покажуваат својата љубов кон татковината – посочи Клисарова.

Инспиративно е да се пишува за татковината

Сите овие години „Колибри“ е верна сенка на „Ракатки“, од објавувањето на конкурсот, па на резултатите на своите страници, репортажи од сите фестивалски изданија и во текот на годината објавување многу детски творби.Токму затоа и годинава, како и претходните, од страна на фестивалскиот одбор ни беше доделена благодарница за соработка и поддршка во реализацијатана 20-то фестивалско издание

Таа дополни дека на годинашниот конкурс пристигнале творби од цела Македонија, а најодговорната задача ја имало жирито на фестивалот, кое по читањето на сите творби, внимателно ги избрало најдобрите и ги поделило во три групи: оние што освоиле прво, второ и трето место.
– Творечката детска мисла ништо не може да ја запре да се претвори во извор и да се претвори во поезија или проза. Фестивалот „Ракатки“ е добредојден меѓу наставниците, учениците, писателите… А таленти имало, ги има и сега, со надеж и желба дека ќе ги има и меѓу генерациите што доаѓаат – истакна Јадранка Клисарова.
Годинава куриозитет беше тоа што имаше и конкурс за наставниците по македонски јазик на темата „Јазикот е нашата единствена татковина“, а најдобрите творби, избрани од специјално жири, исто така се отпечатени во алманахот.
Потоа од младите автори ги слушнавме наградените творби, а неколкумина млади музичари настапија со свои точки.
Поезија прочитаа писателите Васил Тоциновски и Вера Андон, а авторот Стојан Арсиќ, кој годинава беше и член на жирито, рече дека никој пред две децении не верувал оти фестивалот ќе опстане, но, еве, „Ракатки“ го прославува овој јубилеен роденден, а тој се надева и многу други во иднина. Со своето присуство и со своите цветни слики, манифестацијата ја збогати Живко Поповски-Цветин.
За жал, и годинава изостана помошта од државата, и покрај одбележувањето на јубилејот, а за неговото одржување помогнаа хумани луѓе и неколку фирми и компании.
Сепак, најубавиот дел од ова и сите изминати фестивалски изданија беа искрените детски творби, но и старите и многу нови пријателства и меѓу учениците и меѓу менторите, преку кои „Ракатки“ уште повеќе ќе израсне во нивните срца.


Македонија
– моја татковина, мој дом

Македонијо, татковино моја мила,
толку многу убавини ти си свила,
колку македонски имиња славни,
израснаа тука, а ти – нивен дом,
тука го остварија својот сон.

Од прадедо за тебе првпат слушнав јас
за вековна земја со борбен глас
парче по парче од тебе кинеле сите,
а на народот тешки и гладни му биле дните.

Живописен живот ти ни нудиш
и топли мајчински чувства ни будиш,
Македонијо, кога убавините твои ги гледам,
јас добар пример следам,
да те чувам во срцето мое,
ти да имаш топло катче свое!

Македонијо, во тебе се чувствувам безбедно,
ти си родна земја моја,
моја татковина, мој дом,
тука имам безгрижен детски сон.
Каде и да одам, повторно се враќам
бидејќи најмногу те сакам!

Ученик: Горјан Крстевски, осмо одд.
ООУ „Кузман Јосифовски-Питу“ – Скопје
Менторка: Татјана Нанкова


Јазикот е нашата
татковина

Убав е мојот јазик
како златник сјаен,
од прадедовци знаен,
низ векови нишка по нишка ткаен.

Јазикот наш македонски
како сонце нѐ огрева и грее,
зборовите таткови се редат,
рака до рака како деца свои седат.

Јазикот мој е непресушен извор,
тоа сум јас, тоа си ти,
сите ние сме една душа,
од прадедовци жубор што се слуша.

Се гордеам со јазикот свој
од раѓање, па сѐ до овој час,
со зборот се препознавам
со зборот светот го осознавам.

Знаете ли како најлесно
се знае кој е кој?
Секој се препознава
по јазикот свој.
Јазикот е нашата татковина
мој јазик, моја убавина.

Мојот јазик – тоа сум јас!

Авторка: м-р Каролина Попова,
наставничка во ООУ „Васил Главинов“ – Велес


Боите на виножитото се испреплетени тука

Еј, гулабе, летај над горите
со крилјата твои,
над мојот дом и спокој,
над соништата мои.
Таму каде што срцето
почнало да ми чука,
боите на виножитото
се испреплетени тука.

Црвена за јунаците,
историјата и крвта пролеана,
жолта за полињата житни
и сончевината разлеана,
сини се бистрите пенливи
води и небото вишно,
зелена е природата во која
славејот пее скришно.

Галебе, слушни ги зурлите
и тапаните распеани,
мелодијата на кавалот
и белите стада расеани.
Помирисај ги распосланите
цветови од природата,
почувствувај ги воздухот
и мирисот на слободата.

Мојата татковина е родена
во крв и пепел,
храброста и вековната
борба се нејзин темел.
И денес под знамето
на сонцето чекориме,
јунаците да ги славиме,
да не ги заборавиме!

Галебе, носи ги аманетот
и сета негова моќ и сила,
како црнка во очите да ја
чуваме татковината мила.
Македонија е вечна, ништо не може
да ја сруши,
таа е дом, топла постела,
огниште во нашите души.

Ученичка: Лина Маркоска,
седмо одд.ООУ „Кочо Рацин“ – Охрид
Менторка: Фила Вероска-Стојковска