Кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ за претседател Гордана Силјановска Давкова најавува дека како иден шеф на државата ќе го искористи механизмот на помилување на осудените за настаните во Собранието на 27 април 2017 година. Нејзиниот противкандидат од СДСМ и актуелен претседател Стево Пендаровски, пак, е против и смета дека амнестија за такво дело не треба да има.
На вечерашната дебата на ТВ Телма, Силјановска-Давкова оцени дека самата квалификацијата на кривичното дело е катастрофална.
– Оние што применија насилство се на слобода. Има таму луѓе кои не сакаа амнестија, сакаа да докажат правда, има луѓе кои водат постапки пред судот во Стразбур. Секој е различен. Јас имам право да помилувам и врз основа на анализата – не само на правото и на правдата, ќе посегнам по тој механизам – истакна Силјановска Давкова.
Пендаровски смета дека има модификација на претходната теза на Силјановска Давкова дека ќе ги амнестира сите сите.
– Разбирам ако некој не е виновен или треба да добие помала казна па и да му ублажите. Ама таа вели дека сите за 27 април ќе ги амнестираме. Како може да амнестирате за таков чин?! Прво извинување, а потоа широка општествена дебата за евентуална амнестија – порача претседателскиот кандидат Стево Пендаровски.
Прашани дали влегувањето во Парламентот на 27 април бил насилен чин, Пендаровски одговори дека било насилство организирано од партијата која тогаш била на власт и обид за насилно уривање на уставниот поредок.
– Ако не дозволувате мирен трансфер на власта, тоа не може да биде демократски чин – оцени Пендаровски.
Силјановска Давкова, пак, смета дека имало насилство и луѓето требало да бидат судени за тоа, но, како што наведе, далеку од умот и од правото е дека имало терористичко рушење на уставниот поредок. Според неа, тоа кривично дело било намерно одбрано заради изрекување на најстроги казни.
Пендаровски упати јавен повик до сите граѓани кои ги поддржуваа кандидатите кои испаднаа во првиот круг и до оние кои воопшто не учествуваа во првиот круг, да гласаат за неговиот концепт доколку се препознаат во него.
Тој упати критики до Силјановска Давкова и до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека прават задкулсни партиски преговарања околу поддршката за вториот круг за избор на шеф на државата.
Пендаровски посочи дека Мицкоски уште во кампањата кажал дека има договор за коалиција со перспективните коалициски партнери, а по првиот круг рекол дека разговарал со Димитриевски и Таравари за поддршка и за претседателскиот кандидат.
Таквото барање поддршка за претседателски кандидати, според него, значи дека тие не се независни од било кои центри на политичка и финансиска моќ.
– Моменталната ситуација во судството е резултат на тоа што ветингот остана само како реторика, и не се спроведе кога можеше да биде спроведен – оцени кандидатката за претседател Гордана Силјановска Давкова во вечерашниот дуел, осврнувајќи се на надлежностите кои ги има шефот на државата и состојбата во судството.
– Ветингот и досега можеше да се спроведе како евалуација или ре-евалуација при секој избор, оти генерален ветинг, оној суштинскиот значи распуштање на сите и влегување во еден проблем. Можеше да се посегне по ветинг кога ги предлагаше претседателот Весна Дамева, Миљзим Мустафа итн, стручни соработници, најслабата алка во судскиот совет. Можеше за директорите на Агенцијата за разузнавање, можеше секаде каде што има можност да предлага да го предложеше и овој механизам. Инаку, за сите сум, прво за политичарите, може да има таму и ретроактивно дејство, нема проблем никаков. Мислам дека она што се случува денеска е резултат на тоа што ветигнот беше само реторика и кога можеше да се примени не се применуваше – рече Силјановска Давкова.
Пендаровски, пак, кажа дека Судскиот совет и Советот на јавни обвинители во изминатиот период не биле на ниво на задачата. Решението не го гледа во нивно укинување како институции, туку во подобрување на кадарот кој влегува во нив преку ветинг.
Во дебатата Силјановска Давкова кажа дека ќе употребува терминот Македонија и дека на тој начин не прави конфузија.
– Кога кажав дека нема употребувам Северна не мислев дека ќе ги тргам таблите пред институциите и пред меѓународните конференции или во билатералните средби итн. Далеку од тоа. Јас говорам за себе. Правото на самоопределување е и лично право и никој не може да ви нареди да употребувате нешто што не ви го прифаќа умот и срцето. Ќе го почитувам, но нема да го употребувам Северна, ќе употребувам Македонија и никогаш нема да создадам конфузија бидејќи нема да треба да правам дистинкција меѓу Република јужна Македонија. Таква нема. Значи, кога ќе зборувам, јас ќе си зборувам Македонија, македонски, македонско – Северна Македонија нека стои пред мене…меѓутоа јас кажувам за мене, тоа прашање нема да биде никогаш затворено – рече Силјановска-Давкова.
Пендаровски, пак, ѝ реплицираше дека е невозможно да не го употребува уставното име од говорницата во Обединетите нации, во ЕУ, НАТО и други меѓународни институции и дека тоа ќе доведе до исфрлање на државава од Алијансата.
– Кога сте претседател, вие имате право на личен став, да кажувате „вечна Македонија“, „Македонија засекогаш“, каква сакате Македонија кога ќе бидете во приватно својство, во семејството. Невозможно е да бидете на говорница во ОН, да бидете во НАТО, бидејќи сме членка таму, да одите во ЕУ, бидејќи сме кандидат кој преговара, да бидете во Совет на Европа, било каде, значи вие како експерт можете што сакате вербално да кажете. Не можете, нема да ви дозволат, Грција ќе прати прво нота, било кој друг некој ќе прати нота. Тоа значи блокада и таму и исфрлање од НАТО како организација, каде што одвај влеговме и кој ни е многу значаен. Впрочем, и противкандидатката тоа го пишува во нејзината програма – рече Пендаровски.
Кандидатите за претседател ги кажаа различните ставови и за уставните измени и за тоа дали преговорите со ЕУ се почнати или не. Според Пендаровски тие почнале со одржувањето на првата меѓувладина конференција и рече дека не оди едно без друго Преговарачката рамка и промената на Уставот.
– Највисокиот политички орган во Европската Унија, Советот на ЕУ, вели дека ова е политичкиот предуслов – промената на Устав, а рамката е понатаму по што вие ќе одите конкретно кластер по кластер. Значи, не може да стои тезата – ние не сме против европската Преговарачка рамка ама сме против промената на Уставот – истакна Пендаровски.
Силјановска-Давкова, пак, го праша Пендаровски како може да ветува промена на Уставот кога тоа не е негова надлежност туку него може да го сменат само гласовите на пратениците во Собранието и, како што рече, „како никој не се сетил да им каже на оние од Советот и од Европската комисија и сите останати дека со тоа се рушат темелните вредности на ЕУ“.
На прашањето која би била нејзината порака при прва средба со претседателот на Бугарија и со претставниците на Унијата, одговори дека ќе го потсети на Преамбулата на Договорот за пријателство и добрососедство, дека секој договор не е вечен и може да се смени и дека во Договорот „нема ниту еден збор за уставните измени“.
– Суштината е да ги заштитите правата на малцинствата. Кај нас се заштитени. Во Бугарија нема никаква заштита бидејќи нема ниту еден член, а Бугарија е потписник и на Рамковната конвенција за заштита на правата на малцинствата и на Конвенцијата за регионални и малцински јазици, но не ја ратификувала. Значи, има контрадикција меѓу Договорот за пријателство кое е дел од Преговарачката рамка – додаде Силјановска-Давкова.
Пендаровски во врска со внесувањето на Бугарите во Уставот посочи дека е услов што треба да се помине за да продолжат преговорите кои, рече се блокирани поради ставот на ВМРО-ДПМНЕ.
– Тврдам дека овој услов не ја растура, не ја ништи Република Македонија, како што не ги ништи Македонците кои зборуваат македонски јазик, значи целокупниот наш македонски код е зачуван… Од мноштвото бугарски барања кои атакуваа директно на македонскиот идентитет од пред три години и во писмена форма испратени до највисоките претставници во Брисел преку нивниот амбасадор, ние дојдовме само до ова последново барање, Бугарите во Уставот, што е огромен чекор напред, бидејќи сите други атаци беа од Бугарија кон нашиот идентитет како Македонци кои зборуваат македонски јазик и беше одбиено и од Европа не само од нас. Значи, тоа е барањето во овој момент од Европа – нагласи Пендаровски во телевизискиот дуел на ТВ Телма.