По посета на две избирачки места претпладнево, претставничката на меѓународната мисијата за набљудување на изборите ОДИХР, оцени дека почетокот е добар, но целосна проценка за тоа како се одвива изборниот процес ќе имаат откако на крајот на денот ќе ги соберат податоците од гласачки места низ целата држава.
– Досега посетив само две избирачки места и од утрово таму сè се одвиваше непречено. Но, ова се само две од многуте избирачки места, така што навистина не можеме да извлечеме заклучоци до крајот на денот – изјави Џилијан Стирк, која ја предводи мисијата за набљудување на изборите на ОДИХР во земјава.
Соопшти дека денеска имаат повеќе од 200 набљудувачи распоредени низ сите региони во државава, како и долгорочни набљудувачи кои се тука од отворањето на мисијата, на крајот на март. Посочи дека ги набљудуваат изборите во Македонија оценувајќи ги според меѓународните обврски и домашното законодавство.
– Колективно го оценуваме целиот изборен процес, од законодавната рамка до самото спроведување на изборите, вклучувајќи го и финансирањето на кампањата и, секако, улогата на медиумите. Утре ќе ги презентираме нашите првични резултати, ќе одржиме прес-конференција, сите сте добредојдени да ни се придружите таму и ќе има можност за новинарски прашања по кратката изјава што ќе ја дадам јас како и нашите партнери од Советот на Европа – рече Стирк.