Од вчера администрацијата на ЕЛС Кичево своите редовни активности ќе ги извршува во новиот објект кој и официјално е предаден во употреба. Во новиот објект ќе се преселат и вработените кои го третираат образованието, а целосно ќе бидат опфатени сите служби откако во новата зграда ќе се преселат и инспекторите, покрај службите што беа сместени во стариот објект.
За да не шетаат граѓаните од еден до друг објект, градоначалникот Фатмир Дехари испрати допис преку социјалните мрежи, во кој ги запозна со преселбата на локалната администрација.
– Можеме и официјално да ве информираме дека од вчера администрацијата е преселена во новиот објект, кој се наоѓа во непосредна близина на стариот објект. Со оваа преселба сите граѓани кои имаат некакви потреби во општината истите ќе ги завршат во новиот објект каде што сите служби продолжуваат со тековната работа – кажа Дехари.
И граѓаните се задоволни од пуштањето во работа на новиот објект.
– Придобивките се големи како за самата општина така и за нас граѓаните, бидејќи на едно место ќе ги завршиме сите работи, а не како досега да се шетаме низ градот од шалтер на шалтер – нагласи Петар Тренески.
За новиот објект потрошени се 1.250.000 евра, обезбедени преку ТАВ програмата. З.А.