Фото: ФИДЕ

ШАХ – ТУРНИР НА КАНДИДАТИТЕ

Со половина поен зад Гукеш се Непомнијашчи, Накамура и Каруана, а Тан има еден поен предност пред Леи

Индиското шаховско чудо, 17-годишниот велемајстор (ВМ) Домарају Гукеш (2.743 рејтинг-поени, рангиран 16-ти на априлската ранг-листа на ФИДЕ), го презеде водството за половина поен во пресрет на денешното последно 14. коло на Турнирот за кандидати во Торонто, Канада и е на чекор да го предизвика светскиот првак Кинезот Динг Лирен, годинава. Во женска конкуренција, водечката Жонгји Тан (2.521) од Кина има цел поен предност пред почетокот на последното коло.

Гукеш во 13. коло го победи Алиреза Фирузја (2.760) од Франција и му се реваншираше за поразот во првиот круг. Цел поен освои уште Фабијано Каруана (2.803) од САД во партијата со Прагнанада Рамешбабу (2.747) од Индија. Ремизираа Русинот Јан Непомнијашчи (2.757) со Американецот Хикару Накамура (2.789) и Индиецот Гујрати Видит (2.727) со Азербејџанецот Нијат Абасов (2.632).

За триумф освен Гукеш, шанси имаат уште Непомнијашчи, Накамура и Каруана кои заостануваат половина поен зад водечкиот. Ако на врвот има двајца со ист број на поени ќе се игра тајбрејк со партии со забрзано темпо, следниот ден. Токму и првата четворка вечерва ќе ги одмери силите во последното коло (Накамура – Гукеш и Каруана – Непомнијашчи).

Тан ремизира со Русинката Александра Горјачкина (2.553), па и реми со Украинката Ана Музичук (2.520) деенска ќе и` биде доволно за конечен триумф. Индијката Ваишвали Рамешбабу (2.475) ја оствари четвртата победа во низа, овој пат против Кинезинката Тингџие Леи (2.550), која беше и најблиску до Тан. Ремизира уште Нурѓул Салимова (2.432) од Бугарија со Катерина Лагно (2.542) од Русија и Химпи Конеру (2.546) од Индија со Музичук.

ТАБЕЛА (МАЖИ): Гукеш 8,5, Непомнијашчи, Накамура и Каруана по осум, Прагнанада шест, Видит 5,5, Фирузја 4,5, Абасов 3,5 поени.

ТАБЕЛА (ЖЕНИ): Тан 8,5, Леи 7,5, Лагно, Конеру, Горјачкина и Ваишали по 6,5, Салимова и Музичук по пет.

Г.И.