Копија од стрипот од 1938 година, во која за првпат се појавува Супермен, е купена за рекордни шест милиони долари, објави аукциската куќа „Херитиџ аукции“, која го продаде минатата недела. Стрипот му е продаден на анонимен купувач по највисока цена досега, изјавија од „Херитиџ аукции“.
Аукциската куќа го опишува „Екшн комикс бр. 1“ како „најважниот стрип што некогаш бил објавен“ и вели дека Супермен, кој се појавил во изданието од пролетта 1938 година, „останува неверојатно сличен“ на верзијата што ја гледаме во стриповите и на телевизија денес.
Покрај првото појавување на Супермен, во овој стрип дебитира и ликот на Лоис Лејн, новинарката што му е симпатија на Супермен.
„Херитиџ аукции“ ги објави процените на „Сертифицираната гарантна компанија“ – сервис специјализиран за стрипови, дека моментално во светот има само околу 100 примероци од овој стрип, кој е отпечатен пред 86 години од компанијата „Нешнал алиед пабликејшнс“, претходник на „Диси комикс“ во тираж од 200.000 примероци. „Сертифицираната гарантна компанија“ на продадениот примерок минатата недела му даде оценка 8,5 – „исклучително добар“.
Цената од шест милиони долари го надмина претходниот рекорд во продажба на стрипот, чиј главен лик беше Супермен. За тој стрип се платени 5,3 милиони долари во 2022 година, според еден сервис специјализиран за стрипови. Другите копии од истиот стрип достигнале милиони во текот на годините, вклучувајќи ја и онаа кога стрипот беше продаден за 3,56 милиони долари во 2021 година. Оваа копија беше продадена како дел од четиридневната аукција на ретки стрипови за неколку познати суперхерои.