Мисија на фондација „Ице Бегов“ е преку многу вакви проекти во ова динамично живеење да се овозможи овие лица да добијат поквалитетен живот и поздрава иднина, да не се почувствуваат запоставени и помалку важни во општеството. Да докажеме дека не постојат бариери и предрасуди, а за да се оствари тоа, треба сите заедно да дејствуваме и да придонесуваме. Сега овој парк е заедничко катче за сите граѓани на Гевгелија, затоа треба сите, со заеднички сили и љубов, да се потрудиме да го зачуваме и негуваме, велат од фондацијата
Хумана страница – Отворен првиот инклузивен парк во Гевгелија
Во саботата, на 13 април, во Гевгелија беше отворен првиот инклузивен парк за лица со попреченост. Паркот е сместен во кругот на пионерскиот дом, а се реализира со поддршка на Општината и како донација од фондацијата „Ице Бегов“. Всушност, главен инвеститор и успешен реализатор на целиот проект е компанијата „Итек системс“ од Гевгелија, која всушност е и основач на фондацијата.
Честа да ја пресече лентата и јавно да го пушти во употреба паркот „Ице Бегов“ му припадна на пејачот, композитор, текстописец и актуелен директор на ТВ Сител, Ристо Самарџиев. Причината е тоа што Ице најмногу го сакал Самарџиев, со чии песни пораснал. Особено омилена му била токму „Таму кај што си“.
– За навек да е играта детска, за навек да е овој инклузивен парк, за навек да е името Ице Бегов – со овие зборови и со звуците на неговата песна „Таму кај што си“, Ристо Самарџиев, заедно со децата од дневните центри за посебни потреби и со учениците од основните училишта во Гевгелија, ја пресече лентата и го отвори за јавноста овој прв инклузивен парк, комплетно уреден со специјални елементи и реквизити за инклузија.
Градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов, во своето обраќање напомена дека со овој парк децата од општината добиваат прекрасно место за меѓусебно дружење и играње.
– Ние како општина го изработивме основниот проект, фондацијата ја обезбеди донацијата и овој парк е доказ како треба да соработуваат општината и граѓанскиот и приватниот сектор – изјави Сарамандов.
Ице Бегов (28) беше момче со посебни потреби, кое пред три години на 13 април прерано го напушти овој свет и ги остави најблиските и пријателите затечени со огромна тага во нивните души. Но зад себе остави голем број прекрасни спомени од сите изминати години и по нив ќе го паметат сите оние што го познаваа. Ќе го паметат по неговиот ведар дух, секогаш насмеан, со пријатели од сите градови на Македонија и пошироко, со амбиции за успех на секое поле што си ги замисли и оствари во, инаку, краткиот животен век. Имаше несебична љубов и емпатија кон сите околу себе. За него не постоеја пречки, живееше 200 на час, според паролата „Замислено – остварено“. Оние што го познаваа и сакаа ќе го споменуваат и понатаму со сите негови доблести и мани, а по добрите и хумани дела на фондацијата што го носи неговото име, сите што се поврзани со нејзините активности ќе го чувствуваат неговиот дух меѓу себе и активно ќе дејствуваат за подобрување на условите за живот и правата на оваа ранлива група граѓани.
Енергијата што ја носеше Ице со себе ја манифестираше со искрена насмевка и вистинска љубов, која допираше до секого. Темпераментноста беше негова препознатлива карактеристика, а особено неговиот афинитет кон повеќе професии, меѓу кои: музиката, ветеринарството, занаетчиството, особено кон неговата омилена професија – електроинсталатер.
– Веруваме дека овој инклузивен парк ќе биде место каде што сите ќе можат да уживаат и да создадат незаборавни спомени, место каде што нашите напори и ангажираност како фондација за подобри услови на лицата со посебни потреби на крајот, конечно, ќе се исплатат кога ќе го слушнеме детскиот џагор во овој парк. Мисија на фондацијата е преку многу вакви проекти во ова динамично живеење да се овозможи овие лица да добијат поквалитетен живот и поздрава иднина, да не се почувствуваат запоставени и помалку важни во општеството. Да докажеме дека не постојат бариери и предрасуди, а за да се оствари тоа, треба сите заедно да дејствуваме и да придонесуваме. Сега, овој парк е заедничко катче за сите граѓани на Гевгелија, затоа треба и сите, со заеднички сили и љубов, да се потрудиме да го зачуваме и негуваме неговото постоење – истакнаа од фондацијата.
Како знак на благодарност за несебичната поддршка за изградбата на овој инклузивен парк, фондацијата „Ице Бегов“ им додели благодарници на поединци, организации и на здруженија.
Љубчо Алексовски
Разликите нѐ зближуваат
Постојано слушаме разни ветувања за подобро вклучување на лицата со попреченост во општеството, за отстранување на бариерите од секаков тип, за поголема мотивираност и тие да се почувствуваат рамноправни во битката наречена – живот. А тој е еден, како што е едно и сонцето што не грее. Исти се и желбите и плановите на секој човек, да напредува, да биде корисен, и за себе и за општеството.
И желбите на дечињата и нивните соништа и планови се исти, без оглед на тоа дали се „здрави“ или, без своја вина, растат опкружени со многу пречки што треба да ги прескокнат во текот на животната врвица, која сакаат да ја изодат со крената глава.
Да, сите сме различни, некој има руса, некој црна коса, сини, кафени или зелени очи. Некој е роден во Скопје, некој во Гевгелија, а некој во едно од убавите македонски села. Некои дечиња растат во природа, опкружени со зеленило, а некои на десеттиот кат на некој солитер, но без оглед на разликите, насмевката исто ги украсува нивните детски лица.
И затоа не робувајте им на предубедувањата, прифатете ги и оние навидум различни од вас, кои мечтаат во погледите на другите луѓе да нема прашалници и сожалување, туку искра на радост и желба, заеднички, рака за рака, да се оди напред.
Знам, ништо не се прави прекуноќ, но децата уште од најмала возраст треба да знаат дека иако нивното другарче е во количка, оди со помош на патерици или, пак, зборува по малку неразбирливо, сепак сака да расте со многу внимание, нежност и поткрепа. Тогаш, нема да им биде тешко и кога ќе пораснат да им пружат рака на оние на кои им се потребни помош и убав збор.
Марија Таушанска