Заедно со стручни лица од сите релевантни институции најбрзо ќе се утврди колкава е штетата пред да се продолжи со изградба, кажа министерката за култура Елизабета Костадиновска-Стојчевска, откако пожарот што изби утринава во Универзалната сала во Скопје беше ставен под контрола.
– Жалам што денес сме поради оваа причина. Многу сум вознемирена. Утринава околу девет часот бевме информирани дека избил пожар во Универзална сала. Гледаме дека пожарот веќе е локализиран и изгаснат. Повикувам на брзо постапување на сите институции. Тука со нас се претставници од надзорот од фирмата која што ја гради Универзална сала и апелирам за брзо расчистување за кои се причините за пожарот. Нема жртви и починати. Објектот беше празен и направена е материјална штета. Заедно со стручни лица од сите релевантни институции најбрзо ќе се утврди колкава е штетата пред да се продолжи со изградба. Објектот е осигурен. Од осигурувањето ќе се санира штетата и потоа ќе се продолжи со градба – порача Костадиновска-Стојчевска.