Алијансата одбележува 75 години постоење
Во Брисел се одржува дводневен состанок на шефовите на дипломатиите на земјите од НАТО, по повод 75-годишнината од Алијансата.
Се размислува за петгодишен пакет воена помош за Украина од 100 милијарди евра, кој би обезбедил поддршка за Киев во случај Доналд Трамп да се врати во Белата куќа. Москва вели дека нема место за НАТО во мултиполарниот свет, но дека тој ќе продолжи да биде во фокусот на руското внимание.
Министрите за надворешни работи на 32-те земји-членки на НАТО разгледуваат начини да и дадат помош на Украина на долгорочна основа.
Се планира НАТО да преземе дел од координациите од коалицијата предводена од Соединетите држави, позната како Рамштајн група, која обединува околу педесет земји.
Генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг вели дека е постигнат договор за потребата од зајакнување на улогата на Алијансата во поддршката на Украина, но дека конечната одлука се очекува на Самитот на НАТО во јули во Вашингтон.
-Ако сакаме војната брзо да заврши, мора да и покажеме на Русија дека не може да ја добие, но дека мора да седне на преговарачка маса и да прифати договор според кој Украина е суверена и независна држава. Затоа НАТО има силна улога во координацијата и давање поддршка на Киев, начин да се стави крај на војната во која Украина ќе победи, рече Столтенберг.
Тој забележува дека не е прашање дали, туку кога Украина ќе стане членка на Алијансата. Москва, вели Столтенберг, мора да сфати дека нема да ги постигне своите цели на бојното поле.
Портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, вели дека НАТО денеска во однос на Русија „се вратил во условите на Студената војна“.
-Во нивната доктрина, нашата земја е прогласена, а јас цитирам, „најзначајна директна закана“. Тие активно работат на зајакнување на воениот потенцијал на источното крило. Историјата на Алијансата е полна со агресивни авантури кои доведоа до војни и уништување на многу земји во име на просперитетот на таканаречената „златна милијарда“ со нејзините сомнителни вредности, посочува Захарова.
Состанокот на НАТО се одржува во време кога Алијансата бара наследник на Јенс Столтенберг, кој на таа позиција е речиси десет години. Холандскиот премиер Марк Руте има поддршка од околу 90 отсто од членовите, но се соочува со противењето на Унгарија и кандидатурата на романскиот претседател Клаус Јоханис.
Неизвесно е и како евентуалната победа на Трамп на претседателските избори би се одразила на функционирањето на Алијансата.
Камил Гранд, соработник на Европскиот совет за надворешни работи, смета дека најголемиот ризик е тоа што Трамп е „прилично непредвидлив“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија подготвува дополнителна мобилизација од 300 илјади војници во јуни. Во Киев со претседателот на Финска потпиша Договор за десетгодишна безбедносна соработка.
Хелсинки најави и испраќање дополнителни 200 милиони долари воена помош за Киев.