Четврта сезона на „Скопскиот моден фестивал“ од 3 до 6 април
Сергеј Варошлија, Моника Црнокрак, Иван Наумовски, Калтрина Круезиу, Октај Сејди и Сара Дамчевска се дел од „Скопскиот моден фестивал“, кој ќе се одржи од 3 до 6 април, во партнерство со „Државна лотарија“. Културно-забавната манифестација ќе се одржи во трговскиот центар „Дајмонд мол“, a ќе биде во знакот на одбележувањето два големи јубилеја на познати брендови од домашната сцена, како и гостувања на повеќе реномирани балкански дизајнери, кои премиерно ќе учествуваат во рамките на четиридневната официјална програма на настанот.
„Среќата е насекаде!“ е слоганот на фестивалот на кој публиката ќе има можност да проследи оригинален спој на модни ревии и уметнички перформанси, музички, танцови и сценски изведби, шоу-настапи на познати ѕвезди, како и гала-вечер со драмски призвук за свечено отворање на настанот.
– Честа да го отвори фестивалот ѝ припадна на македонската дизајнерка Ивана Кнез, која со јубилејната ревија „Вива ла драма“ тајно подготвува вистинско шок-искуство за присутните гости, кое ќе биде кулминација на петнаесетте години од нејзиното „драматично постоење“ на нашата модна сцена. Затворањето на фестивалот, пак, е резервирано за прослава на уште еден голем јубилеј, овој пат на најпознатиот домашен бренд за интимна облека „Сара фешн“, кој ќе обележи дваесет и пет успешни години. „Сара фешн“ со возбудливо шоу ќе изнуди воздишки на многубројните посетители, како со моделите на пистата така и со забавата на подиумот, каде што како специјални музички гости ќе настапат членовите на музичката група „Д блекберис бенд“ – најавува Милан Атанасов, креативен директор на настанот.
Паралелно со презентацијата на последните колекции и опусот на најквалитетните македонски дизајнери и брендови, фестивалот останува доследен и во ексклузивното претставување интернационални гости од регионот и пошироко, но и во промоцијата на млади надежи и таленти чие време допрва доаѓа.
– Официјалната програма на манифестацијата ќе се одвива в среда, четврток, петок и сабота, од 19.30 до 22.30 часот, со црвен килим по холивудски терк, на кој се очекува да зачекорат претставници на дипломатскиот кор и бизнис-заедницата, истакнати поединци од културната сцена, акредитирани новинари, фотографи и уметници, како и познати имиња од светот на модата и забавата како ВИП-посетители – дополнува Милан.
Организаторите традиционално изработија и краток моден филм како најавно видео за четвртата сезона, во соработка со „Вирал агенси“, каде што како заштитни лица и главни протагонисти се појавува ѕвездената екипа сочинета од шесте величествени: Сергеј Варошлија, Моника Црнокрак, Иван Наумовски, Калтрина Круезиу, Октај Сејди и Сара Дамчевска. Автори на видеото се Генц Халими и Амел Амед, уметнички режисер и сценограф е артистот Бојан Ковски, а како продуцентка на кампањата се потпишува Ангелина Китановска, извршна директорка на „Скопскиот моден фестивал“.
Фестивалот е домашен настан за љубителите на модата во метрополата, презентирајќи им го најдоброто од македонската култура низ симбиоза на дизајн, уметност, едукација и забава, а истовремено е домаќин и на реномирани имиња од регионалната и европската сцена. Маркетинг-агенцијата „Макс менаџмент агенси“, како организатор на престижната манифестација, може да се пофали со учество на над 60 дизајнери, брендови и академии, присуство на повеќе од 300 акредитирани новинари, фотографи и претставници на новите медиуми, како и посетеност од речиси 25.000 гости во текот на ревиите, изложбените салони и придружните активности на настанот, по само две години и три сезони од нејзиното иницирање.
– Во четвртата сезона очекуваме да се надминат и рекордите што самите ги поставивме, како во однос на учесниците, така и за интересот на публиката – заклучува Ивана Китановска Трпеска, директорка за односи со јавност на фестивалот. С.Ј.