Фото: Маја Јаневска-Илиева

ФУДБАЛ

Англиската Премиер-лига ја намали разликата до германската Бундеслига во трката за дополнително место во идната сезона во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), по пласманот на Арсенал во осминафиналето. На ранг-листата на Европската фудбалска унија (УЕФА) и понатаму води италијанската Серија А, по европските мечеви во вторникот со коефициент од 16,571, пред Германија со 15,5, Англија со 15 итн.
Сезонава е последната со постојниот формат во ЛШ, со 32 екипи во групната фаза, поделени во осум групи. Од идната сезона ќе играат 36 екипи во една лига, што ќе овозможи четири дополнителни места, од кои по едно на двете земји чии клубови ќе имаат најдобри резултати во сите натпреварувања на УЕФА сезонава.
По дуелите во вторникот, од Италија има уште пет тима во трите натпреварувања на УЕФА, и тоа Интер (ЛШ), Аталанта, Милан, Рома (сите во Лига Европа) и Фиорентина (Конференциска лига). Има шест англиски екипи вклучени во натпреварувањата на УЕФА, и тоа Манчестер сити, Арсенал (двата во Лигата на шампионите), Ливерпул, Вест Хем, Брајтон (сите во Лига Европа) и Астон Вила (Конференциска лига). Од Германија во игра се Баерн, Борусија Дортмунд (двата во ЛШ), Фрајбург и Баер (двата во Лига Европа). Н.М.