Креативно катче: Во ателјето „Артика“ во Прилеп
Елена Димоска и Методи Исков неодамна во ателјето „Артика“ во Прилеп започнаа да им пренесуваат знаења од областа на уметноста на ученици од овој град. Интересот кај младите прилепчани за континуирано откривање и усовршување на техниките и знаењата за уметноста е сѐ поголем.
– Младите треба креативно и продуктивно да го користат своето слободно време уште од најмала возраст. Токму затоа започнавме со едукација на ученици за уметноста. Нашето уметничко семејство моментно има околу шеесет члена, а најмалите членови имаат пет години. Создадовме креативна и пријатна атмосфера и целото внимание ни е насочено кон младите таленти. Тука децата имаат можност да се запознаат со различни техники, почнувајќи со основните цртачки материјали и сликарски техники, па до знаења за вајарството. Се создаваат дела преку професионални насоки од нашиот тим што се соодветни за возрасната група. Исто така, организираме годишни изложби преку кои ја потенцираме уникатноста на секој член поединечно и ја подигаме мотивацијата кај сите. Наедно ги учиме младите уметници да го следат својот прогрес и да го пронајдат својот уметнички ракопис – велат Димоска и Исков.
Тие дополнија дека ќе продолжат со будење на креативноста кај сите талентирани деца што ќе им се обратат. Ка.М.