Песна за книгите
Книгите се како куќите,
Не ги бираат станарите
Ниту пак им праќаат порака
Да се живее вака или онака.

Книгите се толку мали,
А во нив растат планини.
Се шират водени рамнини
Месечината во нив кревет има
А сонцето ручек на масата

И покрај тоа, лесни се како перца
И се носат во куфери, ташни и ранци,
Но, и за нив најголема е среќата –
Кога ќе се најдат во рацете на децата.

Песна за училиштето

На училиште не се оди,
ниту од лево, ниту од десно
На училиште се поаѓа од дома
и само право и само право

На училиште не се оди,
Како што се оди на море.
Никој таму на снег не се санка
Училиштето не е јавање на гранка

Во него не „летаат магариња“
Прасињата не се „манекени“
Учењето е единствената магија,
А знаењето најмногу се цени!

На училиштето не треба да му се робува,
Но и не треба од него да се
бега.
Зашто тоа е планина на која
умно се сонува.

(Од книгата „Скаските на Мето од петто“)

Песна за мајките

Ако некогаш станеш мајка
Тогаш и само тогаш ќе сфатиш
Дека нема друга
Ти на болките си
И господар и слуга

Сѐ на тебе ќе ти биде
Сѐ од тебе ќе се кине
Преку тебе сѐ ќе мине
Од тебе сѐ ќе иде

Ќе те нема а ќе бидеш
Ќе си слаба а ќе биеш
Ќе си жедна а ќе лиеш
Ќе си ладна а ќе вриеш

И само тогаш како мајка
Лесно ќе ти е да кажеш
Светот е најубавата бајка
Зашто е од мајка.

(Извадок од поемата „Ако“, за која писателот Трајче Кацаров
ја доби наградата „Григор Прличев“)