Вистината е дека возењето на дожд, како и возењето на ладно време, може да биде сериозен предизвик дури и за најискусните возачи. Се зголемува бројот на предизвиците за возачот, како што се влажен или подзамрзнат коловоз, замаглено ветробранско стакло, намалена видливост итн., а се зголемува и бројот на дефекти бидејќи влагата предизвикува проблеми со многу делови од автомобилот, особено со моторот и електричните и електронските инсталации. Едноставно, сè што не е во ред со автомобилот тогаш излегува на виделина. Кога на тоа ќе се додадат неизбежниот сообраќаен метеж, нервозата и неповолните микроклиматски услови во возилото, што потсетува на тропска џунгла во минијатура, јасно е дека приказната не навестува среќен крај
Од проектот на новинарскиот тим на „Нова Македонија“ за безбедноста на патниот сообраќај
Метеоролошките предвидувања за викендов велат дека ни претстои време со обилни врнежи од дожд. Иако температурите на воздухот ќе останат исти, односно нема да се намалат, тоа значи дека нема да имаме појава на мраз, меѓутоа, сепак, дождот и тоа како ќе го отежне сообраќајот за возачите. Издвојуваме неколку совети за тоа како да управувате со возило за време на дождови.
Сериозен предизвик
Возењето по дождливо време, независно дали станува збор за обилни врнежи или за дожд што полека паѓа, претставува еден од најголемите предизвици за секој возач. И навистина, секогаш кога има дождливо време, во земјава се користи добропознатата констатација дека дождот го блокира градот, затоа што се големи предизвиците за управување возило во такви услови, а некои од возачите не знаат како да се однесуваат во сообраќајот при такви временски услови.
Вистината е дека возењето на дожд, како и возењето на ладно време, може да биде сериозен предизвик дури и за најискусните возачи. Дополнително, се зголемува бројот на дефекти бидејќи влагата предизвикува проблеми со многу делови од автомобилот, особено со моторот и електричните и електронските инсталации. Едноставно, сè што не е во ред со автомобилот, тогаш излегува на виделина. Кога на тоа ќе се додадат неизбежниот сообраќаен метеж, нервозата и неповолните микроклиматски услови во возилото, што потсетува на тропска џунгла во минијатура, јасно е дека приказната не навестува среќен крај.
Без разлика во кој дел од земјава живеете, сигурно е дека во одреден момент ќе мора да возите на дожд и по влажни коловози. Освен вода, на асфалтот може да се најдат и други течности, кои можат сериозно да го расипат уживањето во возењето – гориво, мазива, антифриз и сета друга маст што се расфрла на патот од возилото во текот на годината може, во комбинација со вода, да го претвори секое возење во кошмар.
Да не зборуваме за патиштата надвор од населените места и за неодговорните возачи на земјоделски машини, кои не ги чистат гумите пред да излезат на коловозот, притоа шират големо количество земја што ќе се претвори во пеколна мешавина од кал, која со првиот дожд е полизгава од мраз.
Знаејќи како влажните патишта и намалената видливост може да влијаат на управувањето, возачите генерално инстинктивно ја намалуваат брзината, а тоа е најважното нешто. Сепак, иако намалувањето на брзината е клучен елемент за безбедно возење при влажно време, постојат и други мерки на претпазливост што треба да се земат предвид и на кои го насочуваме вниманието овде.
Почекајте да се подобри времето
Доколку навистина не ви гори под нозете или се чувствувате непријатно додека возите на дожд, обидете се да го одложите патувањето или користете јавен превоз додека не се нормализираат временските услови. Нема причина да се изложувате себеси и вашите патници на ризик ако возењето по влажен пат не е апсолутно неопходно. Исто така, за добра концентрацијата, треба добро да се одморите и да седите зад воланот со целосно „чиста глава“.
Доколку, пак, мора да одите на подолго патување, сообраќајните експерти велат дека е потребно почесто да одморате, бидејќи возењето во такви услови бара зголемена концентрација, која значително го уморува мозокот на возачот и токму затоа е важно да се прави пауза по два-три часа возење.
Проверете ги сигнализацијата, бришачите и гумите
Проверете дали вашиот автомобил е во добра техничка состојба пред да тргнете по влажните коловози и потрудете се да извршите пролетно одржување. Проверете го системот за осветлување – предните светла, задните светла, трепкачите и подлошките и бришачите, за да бидете сигурни дека тие работат правилно. Исто така, проверете ја шарата на гумата, бидејќи „ќелавите“ гуми имаат значително помалку перформанси на влажни коловози. Склони сме да ги земаме гумите здраво за готово, но тие се веројатно најважниот дел од возилото кога станува збор за управување; имено, шарата помага да се евакуира водата помеѓу гумата и патот, така што подлабоките обрасци елиминираат повеќе вода, односно обезбедуваат подобра влечна сила. Пожелно е и зимските гуми да се заменат со летни, секако кога престанува законската обврска за зимски гуми, бидејќи тие работат подобро во услови на дожд.
Еднаш месечно или почесто чистете ја надворешната и внатрешната страна на шофершајбната и прозорците и проверувајте дали се истрошени бришачите т.е. дали добро се држат за стаклото или оставаат „влажна трага“. Проверувајте го нивото на течноста за миење на шофершајбната еднаш неделно. Обидете се да размислите за нови патосници, со препорака да набавите по мера за вашиот автомобил.
Забавете
И повторно – забавете! Не само што треба да го почитувате објавеното ограничување на брзината, туку треба да возите значително побавно од вообичаено. Времето на реакција на возилото е генерално подолго кога е изложено на влажна средина, а системот за сопирање особено ја губи својата ефикасност. За жал, многу луѓе возат пребрзо на влажни коловози, а со тоа преземаат непотребни ризици – гумите може да го изгубат контактот со патот со брзина од само 50 километри на час, што значително ја отежнува контролата на автомобилот.
Експертите советуваат да оставите најмалку пет секунди растојание помеѓу вас и возилото пред вас и задолжително да забавите пред да стигнете до област покриена со вода и пред да започнете да влегувате во кривина.
Планирањето на маршрутата е уште една тактика што може да ви заштеди време и нерви. Одвојте миг пред да го ставите возилото во движење за да размислите за патеката по која ќе одите до вашата дестинација. Ако вашата маршрута ве води низ ниски подвозници под мостови или покрај ровови што се подложни на поплави, би било мудро да размислите за алтернативни правци.
Вклучете ги фаровите
Иако законот наметнува обврска за користење соборени фарови во текот на денот, возењето на дожд ѝ дава дополнително значење на оваа ставка. Со вклучување на фаровите, значително ги зголемувате видливоста на вашето возило и способноста на другите возачи навреме да ве забележат на патот. Многу понови автомобили, покрај сензорите за дожд, имаат поставки за автоматско вклучување на фаровите кога небото ќе се затемни или кога се вклучени бришачите, но дефинитивно е подобро да ги преземете работите во свои раце.
Избегнувајте да користите долги светла и светла за магла, бидејќи тие ќе се рефлектираат од влажните површини и ќе ве иритираат и вас и другите учесници во сообраќајот. Избришете ја целата нечистотија од фаровите, стоп-светлата, трепкачите и задните светла за да можат другите возачи да ве видат подобро.
Во услови на дожд не е препорачливо да се користи автоматски уред за контрола на брзината – темпомат, затоа што во таква ситуација поголема е веројатноста од појава на „аквапланинг“.
Користете бришачи
Ова се подразбира, ќе речете. Сепак, некои возачи забораваат да ги вклучат бришачите при слаб дожд или рачно ги активираат со прекинувачот само кога на стаклото ќе се акумулира многу вода. Современите бришачи имаат најмалку три работни брзини, кои лесно се приспособуваат на интензитетот на врнежите. Бришачите треба да работат така што нивната гума ќе ја отстранува течноста од шофершајбната со еден потег без да остави никакви траги. Нерамномерното чистење, чкрипењето и „скокањето“ на бришачите се сигурни знаци дека е време да ги замените. Инсталирањето нови бришачи е едноставен проект, но доколку не знаете, луѓето од бензинската пумпа или продавницата за автоделови можат да ви помогнат. Ако очекувате чести, обилни врнежи, размислете за нанесување специјални водоотпорни премази на вашата шофершајбна.
Понежниот пол има тешкотии при менување на бришачите
И за овие прашања нашата екипа се обиде да добие одговори од возачите и за тоа колкава е нивната подготвеност кога станува збор возењето по влажни коловози, особено кога имало подолготраен период на суво и стабилно време.
Разочарувачки е фактот што помладите возачи, но и жените, не знаат како да ги постават бришачите, не знаат како да ги извадат старите и како да ги постават новите. Од анкетираните 36 возачи, 11 беа од понежниот пол и одговорите од нив беа поразувачки. Девет од нив на нашето прашање дали знаат да ги заменат бришачите одговорија дека за тоа бараат помош од своите машки членови на семејството или, пак, ги заменуваат на бензинските пумпи. Само две од нив рекоа дека самите ги менуваат кога имаат потреба.
Преостанатите 25 возачи генерално одговорија дека знаат да ги менуваат бришачите, но и од нив имаше петмина што рекоа дека имаат тешкотии, па гледаат видеа на Јутјуб како да го направат тоа.