Фото: РФМ

Македонската репрезентација досега одиграла вкупно 76 натпревари против можните ривали, во квалификации, баражи за ЕП и за СП или, пак, се сретнале на финалните турнири во овие натпреварувања. Притоа Македонија забележала 50 победи и 16 порази, а 10 меча завршиле без победник

РАКОМЕТ – ДЕНЕСКА ЖДРЕПКА ЗА БАРАЖОТ ЗА СП 2025

Македонската ракометна репрезентација е во првиот барабан во пресрет на денешната ждрепка за баражот за пласман на Светското првенство (СП), кое в година треба да се игра во Хрватска, Норвешка и во Данска. Од 11-те бараж-двојки, само победниците ќе обезбедат настап на СП 2025. Дуелите од првиот бараж се во март, а од вториот, во кој ќе настапи Македонија, се во мај. Македонија досега има осум настапи на светските првенства, шест во низа.
Директен пласман на СП 2025 од Европа досега обезбедија домаќините на Мундијалот, Хрватска, Данска и Норвешка, потоа финалистот на СП 2023, Франција, како и Германија и Шведска од ЕП 2024. Сите тие играа и во втората групна фаза на ЕП 2024, каде што беа и селекциите на Унгарија, Австрија, Исланд, Словенија, Холандија и Португалија, кои сега се во првиот барабан за ждрепката за баражот, заедно со Македонија, Шпанија, Црна Гора, Чешка и со Полска.
Македонската репрезентација досега одиграла вкупно 76 натпревари против можните ривали од барабанот два, во квалификации, баражи за ЕП и за СП или, пак, се сретнале на финалните турнири во овие натпреварувања. Притоа Македонија забележала 50 победи и 16 порази, а 10 меча завршиле без победник. Најмногу триумфи, 10 од исто толку натпревари, се остварени на дуелите со Белгија, потоа со Швајцарија (седум победи од девет меча), Луксембург (шест победи од шест средби), Грција (шест триумфи од осум дуели), Естонија (четири победи, две нерешени), Финска (три победи и едно реми), Израел (три победи и еден пораз), Италија (две победи и еден пораз) и Украина (по две победи и ремија и еден пораз).
Единствено негативен биланс црвено-жолтите имаат со Литванија (два пораза и едно реми). Крајниот исход е нерешен со Србија (по една победа и пораз и две нерешени средби), Словачка (по една победа и пораз), БиХ (по две победи, пораза и ремија) и Романија (по три победи и порази).
Македонија од можните противници во баражот за СП, воопшто не одиграла официјален квалификациски натпревар со селекциите на Грузија и на Фарски Острови, од кои вториве пријатно изненадија со својата игра како дебитанти на ЕП 2024. Г.И.


СОСТАВ НА БАРАБАНИТЕ

ПРВ: Македонија, Словенија, Унгарија, Португалија, Австрија, Исланд, Холандија, Шпанија, Црна Гора, Чешка, Полска
ВТОР: Грузија, Грција, БиХ, Фарски Острови, Србија, Романија, Швајцарија, како и победниците на бараж-средбите во март Словачка – Израел, Естонија – Украина, Финска – Литванија и Белгија – Италија