Плановите на Тел Авив за парчето пустинска земја наречено Коридор Филаделфија
Израел планира наскоро да ја преземе контролата врз границата што ги дели Појасот Газа и Египет. Израелската армија го нарекува тој тенок појас на пустинска земја Коридор Филаделфија. За Израел, повторното заземање на пограничниот регион би значело голем стратегиски удар за Хамас. Тоа ќе им овозможи да ги блокираат тунелите на Хамас во областа, да го прекинат протокот на оружје во Газа и да го отстранат секое влијание што оваа терористичка група го има на граничниот премин.
Откако Израел се повлече од Појасот Газа пред речиси две децении, ги контролираше сите граници на палестинската енклава – освен една. Израелските лидери, вклучувајќи го и премиерот Бенјамин Нетанјаху, велат дека Израел мора да има цврста контрола над граничните територии за да го спречи Хамас да шверцува оружје во енклавата. Тоа е дел од општата стратегија чија цел е да се спречи повторување на нападот од 7 октомври, во кој животот го загубија повеќе од 1.200 луѓе во Израел.
– Коридорот Филаделфија мора да биде во наши раце, мора да биде затворен. Јасно е дека ниту една опција нема да гарантира разоружување какво што сакаме – изјави неодамна Нетанјаху.
Израел веќе го информирал Египет дека израелските одбранбени сили (ИДФ) планираат воена операција по должината на границата, но во Појасот Газа, како што потврдија поранешни и сегашни израелски и египетски официјални лица за „Волстрит журнал“.
Како дел од операцијата, палестинските граничари најверојатно ќе бидат отстранети од клучниот граничен премин Рафах, а израелските војници потоа ќе бидат позиционирани по целиот тој коридор. Станува збор за појас што се протега од тројната граница на Израел, Египет и Газа на југоисток до Средоземно Море, на околу 13 километри.
За Палестинците тоа би претставувало гаснење некаков симбол на суверенитет. Тоа исто така може да ја отвори вратата за подолготрајна израелска контрола на границата по војната, ставајќи му крај на 20-годишниот безбедносен режим со Газа.
Египет е загрижен дека израелската операција би можела да ги прекрши условите на мировниот договор потпишан меѓу двете земји во 1979 година, кој го ограничуваше бројот на војници што двете држави можат да ги имаат во близината на границата.
Египет неодамна го отфрли израелскиот предлог за стационирање на мал контингент безбедносен персонал на египетската страна на границата, со цел да се вршат заеднички патроли со Египќаните. Владата во Каиро смета дека тоа ќе го наруши египетскиот суверенитет.
Египет се обиде да ги смири Израелците со пораката дека ги зајакнува физичките бариери на нивна страна, гради дополнителни стражарски куќи и поставува повеќе камери за надзор, но дека нема апсолутно никаква намера да ги сподели снимените материјали со Израел.
Израелските лидери сè уште не го дале конечното зелено светло за операцијата.