Антитезата на Преспанскиот договор и на Договорот за пријателство

Да ја разгледаме тезата дека интеграцијата на Македонија во Европската Унија е условена единствено од реализацијата на Преспанскиот договор со Атина и т.н. Договор за пријателство и добрососедство. Долгогодишната корупција, нефункционалното судство и недостигот од меритократски принципи ги разорија македонските институции, поради што Македонија како држава и општество е доведена во положба да не може да ги заштитува своите државни и национални интереси. Всушност, Преспанскиот договор и т.н. Договор за пријателство и добрососедство се резултат на слабоста на македонската држава, а не гарант за наша интеграција во Европската Унија

Во еден подолг период се создаваше перцепција дека интеграцијата на Македонија како општество и држава во Европската Унија е условена единствено од реализацијата на Преспанскиот договор со Атина и т.н. Договор за пријателство и добрососедство со Софија, но неколку нешта го потврдија токму спротивното. Холандскиот амбасадор во Скопје, Дирк Јан Коп, јасно образложи дека уставните измени се користат како изговор за неспроведување на политичките и судските реформи, нагласувајќи дека неопходните реформи во Македонија можеле да бидат направени пред 10 или 15 години, а не биле направени. Споменатиот амбасадор исто така јавно запраша каде се милијардите, каде се и што се случи со обуките што ги спроведувавме. Во контекст на македонскиот напредок кон Европската Унија, треба да се разберат и постојаните укажувања на американската амбасада во Скопје за делумните реформи и нефункционалност на судството, како и за високата корупција што ги разградува македонските институции. Во овој правец се и т.н. „црни листи“ на Вашингтон, во кои се најдоа неколку македонски граѓани поради нивното коруптивно дејствување во нашето општество.
Пораките што ни ги испраќаат Брисел и Вашингтон се јасни – како држава и општество мора да спроведеме политички реформи што ќе доведат до унапредување на институциите, а тоа секако е условено и од борбата против корупцијата и владеењето на правото. Многумина европски експерти и познавачи на состојбите јасно образложуваа дека мора сериозно да ги разбереме укажувањата на Брисел и Вашингтон, истовремено нагласувајќи дека членството на Македонија во Европската Унија зависи исклучиво од нашите заслуги, односно од исполнувањето на европските политички критериуми пред интеграцијата, а не по интеграцијата. Затоа изјавите од форматот дека Брисел треба јасно да ни каже кои се условите за членство во ЕУ се бесмислени и нелогични (читај глупави). Отсекогаш поврзувањето на Македонија зависело исклучиво од борбата против корупцијата и владеењето на правото, нешта што доведуваат до создавање државни институции во вистинска смисла на зборот. Крајно време е да разбереме дека нефункционалноста на институциите доведува до нефункционалност на државата. Во овој момент на многумина во Брисел и Вашингтон им е јасно дека Македонија како држава е нефункционална и затоа бараат од нас да ги спроведеме европските политички критериуми пред интеграцијата. Искажувањата дека видоизменувањето на македонските институции може да се случи единствено по приемот на Македонија во ЕУ се апсурдни, бидејќи Брисел никогаш нема да дозволи коруптивен тумор во своето тело.

Но, да се навратиме на тезата за тоа дека интеграцијата на Македонија во Европската Унија е условена единствено од реализацијата на Преспанскиот договор со Атина и т.н. Договор за пријателство и добрососедство. Долгогодишната корупција, нефункционалното судство и недостигот од меритократски принципи ги разорија македонските институции, поради што Македонија како држава и општество е доведена во положба да не може да ги заштитува своите државни и национални интереси. Всушност, Преспанскиот договор и т.н. Договор за пријателство и добрососедство се резултат на слабоста на македонската држава, а не гарант за наша интеграција во Европската Унија!
Решение?
Македонија како држава нема многу природни ресурси, ниту пак одредена геополитичка важност. Нашиот напредок зависи исклучиво од нашето државничкото однесување. Доколку како нација, држава или општество покажеме државничко однесување, повеќе ќе бидеме ценети од Брисел и од Вашингтон. Искажаното се потврдува и од примерот со сингапурскиот премиер Ли Куан Ју, кој во едно свое интервју од 1965 година обелодени афера во која беа вмешани американската влада и Централната разузнавачка агенција (ЦИА). Во почетокот на разговорот со новинарите, Ли истакна дека доколку британската армија се повлече од воените бази во Сингапур, подготвен е да ги повика Австралијците и Новозеланѓаните, но не и Американците. На прашањето зошто не и Американците, Ли одговори дека на американската администрација ѝ недостигаат мудрост и разумност. Според сингапурскиот премиер, за да се развијат мудроста и логичното расудување е потребен долг временски период, а тоа им недостига на Американците. Со многу цинизам, Ли вели: „И тоа не е нивна вина. Што имаат. Двесте или триста години историја, тие станаа нација неодамна“.

Во понатамошниот дел од интервјуто, Ли говори за трите свои лоши искуства со Американците што предизвикале вистинска штета. Во едно од споменатите искуства била вклучена и ЦИА, која преку американски агент се обидела да подмити сингапурски разузнавачки агент (инаку, поткупот е строго забранет во сингапурската држава). Сингапурскиот агент требало да ја „храни“ ЦИА со информации, бидејќи ЦИА сакала да знае што се случува во Сингапур. И покрај големата сума на долари, Сингапурецот одбил и го информирало раководното лице, кое потоа го известило и Ли Куан Ју. Американскиот агент бил заробен и затворен. Сингапурската влада не го извела американскиот агент пред судот и решила да започне преговори со Соединетите Американски Држави. Според Ли, тој никогаш не преговарал директно со Американците и контактите се одвивале преку посредници. Во текот на преговорите, Ли Куан Ју во замена за молчење побарал 100 милиони долари како економска помош за Сингапур од американската влада. Но Американците одговориле со контрапонуда – 10 милиони долари за Ли и неговата партија. Сингапурскиот премиер бил навреден и одговорил дека Американците можат да ги задржат понудените долари.
Ли Куан Ју е совршен пример за државничко однесување, пример што покажува дека државните интереси може да се стават над личните и партиските интереси, а од тие постапки зависат трансформацијата и напредокот на општеството.