Вработените од обложувалниците и казината денеска излегоа пред Собранието на протест против измените на Законот за игри на среќа. Тие бараат да присуствуваат на седницата на Комисијата за европски прашања и предупредија дека ќе продолжат со протестите ако не бидат исполнети нивните барања.
Во својата изјава за медиумите, претседателот на Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ), Васко Илијевски, порача дека овој јавен собир и блокирањето на улицата пред Собранието е само прв во низата сè додека не се слушне нивниот глас и не се стави крај на ова бескрајно самоволие на власта.
– Подготвени сме да ги блокираме сите улици за сите наши вработени го изразат својот бунт и протест против ова што им се случува – рече Илијевски.
Тој повтори и дека носењето на штетниот закон не е ништо друго, освен штитење на бизнис-интересите на поединци во власта.
– Целта на овој закон е да се затворат легални домашни компании за да може Владата преку новите онлајн-страници со странски компании од Бугарија да си го преземе бизнисот. Граѓаните не смее да бидат измамени, зад плаштот за наводна грижа за нив се носи закон, кој има целосно друга цел – порача Илијевски.
Претставникот на Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС), пак, Горан Стоименов, потсети и на небулозните предлог-измени во контекст на оддалеченоста на објектите од училиштата и дека ова води до целосно згаснување на една легална стопанска гранка и оставање на улица повеќе од 10.000 вработени. Тој исто така додаде дека доколку се донесат измените на законот за игри на среќа, државата ќе изгуби најмалку 5 милиони евра во буџетот.
– Повторно сме пред Собранието со неколку стотици вработени во автомат клубовите и обложувалници, кои заедно со нас, согласно член 122 став 2 од Деловникот, бараат да присуствуваат на седницата на Комисијата за европски прашања, каде ќе се разгледуваат противуставните и скандалозни измени на Законот за игри на среќа. За разлика од пред 20 дена, денес ја блокираме сообраќајницата како последно предупредување до пратениците дека не смеат и понатаму да нѐ игнорираат. Доколку не ги прифатат нашите аргументирани предупредувања и укажувања ќе следи серија масовни протести и други демократски форми за изразување незадоволство. Едноставно, една крајност по автоматизам создава друга крајност! – порача Горан Стоименов на денешниот протест.
– Ако пратениците навистина се убедени дека овие измени се ЗА заштита на младината, а не како што ние тврдиме, ЗА затворање на легалните објекти заради исполнување нечии бизнис апетити, тогаш нема ниту една причина да бегаат од соочување со нас. Потценување на интелигенцијата е да се тврди дека дистанцата од 500 метри од образовни институции е заради заштита на младината, кога во исто време државата овозможува преку интернет, игрите на среќа да станат достапни буквално на секој мобилен и статичен уред. Преку онлајн игрите на среќа доволно е од дома некој да се вклучи на платформа и да игра. Ние сме убедени дека сите пратеници, без разлика на нивната партиска припадност, многу добро знаат дека аргументите се на наша страна. Евентуалното усвојување на измените во ваква верзија, ќе ја врати Македонија во 1990 кога имаше покер апарати зад завеси во кафулиња, диви играчници по подруми во секое маало, државата ќе нема никаква контрола, тогаш младината навистина ќе биде загрозена – додаде Стоименов.
Измените на Законот за игрите на среќа и за забавните игри кој е предложен од Владата, предлага ограничување на просториите во кои се приредуваат електронските игри на среќа, односно да може да се приредуваат само во простории на посебните игри на среќа за кои имаат добиено согласност од Министерството за финансии.