Фото: ЕПА

Различните јазици, религии и култури на балканските народи укажуваат на различни историски и културни процеси низ милениумите од нивната историја, но од друга страна, проучувањето на гените открива дека балканските народи всушност се многу блиски. Професорот Душан Кекаревиќ од Биолошкиот факултет истакнува дека геномската анализа на денешното балканско население покажала најголема генетска блискост на Србите и Хрватите…

Србија

Резултатите од петгодишното истражување во кое беше анализирана ДНК на повеќе од 140 скелети од 30 различни римски градови, утврдувања и локални населби на Балканот укажаа дека денешното српско население во просек има од 50 до 60 проценти ДНК од словенско потекло. Другото е наследство на старобалканското население, кое е веќе измешано со доселеници од големите антички урбани центри како Константинопол, Ефес и Коринт, кои се преселиле на овие простори за време на Римската Империја.

Кои институции го спроведоа истражувањето?

Иницијатори на истражувањето се белградскиот биолошки факултет и Институтот за археологија, со соработници од универзитетите во Барселона и Харвард, истражувачи од Хрватска и голем број европски земји, чии стручњаци дадоа пресек на генетските промени во популациите и миграциите на Балканот во периодот од над два милениума. Резултатите го потврдуваат и континуитетот на населението на територијата на денешна Србија и на Балканот до бронзеното време.
– Нашата сегашна популација во суштина е од автохтоно потекло, но со значително влијание на словенската генетика. Дел од резултатите го потврдуваат ставот на традиционалната историја, дека словенските преселби навистина се случиле. Тоа јасно се гледа од примероците по 6 и 7 век, каде што е евидентен нов слој на словенска генетика што претходно не постоел во анализираните примероци. Во тој период миграциите беа непрекинати и нашите податоци покажуваат дека цели семејства дошле на Балканот во текот на неколку генерации. Тоа е пример за една од поголемите демографски промени во Европа, слична на онаа што се случи во Велика Британија со доаѓањето на културата на ѕвонестите пехари, со степско потекло од Азија, која речиси целосно го замени домородното население до 2.000 пр. н.е., која потоа стана доминантна на островот. Меѓутоа, на Балканот немаше замена на населението, но денешното српско население во просек има од 50 до 60 проценти од словенската и од 40 до 50 проценти од старобалканската генетика. Така е и со Хрватите, Романците и Бугарите. Но тој процент паѓа на околу 30-40 отсто кај Албанците на северот на Грција, а на грчките острови се намалува на само четири до 20 отсто – вели Миодраг Грбиќ, визитинг-професор на Биолошкиот факултет во Белград.

Гените открива дека тие балканските народи се многу блиски

Додека различните јазици, религии и култури на балканските народи укажуваат на различни историски и културни процеси низ милениумите од нивната историја, проучувањето на гените открива дека тие всушност се многу блиски. Професорот Душан Кекаревиќ од Биолошкиот факултет истакнува дека геномската анализа на денешното балканско население покажала најголема генетска блискост на Србите, Хрватите и Романците.
– Јасно ни е дека резултатите нема да бидат добро примени кај дел од балканското население. На пример, Албанците тврдат дека како староседелци се директни потомци на Илирите, дека како такви отсекогаш биле на Балканот и дека ниту една миграција не ги зафатила. Некои Срби исто така тврдат дека чистите Словени се поврзани со Русија и дека Грците директно потекнуваат од Античките Грци. Меѓутоа во природата на луѓето е да се движат и да се мешаат едни со други, а оваа студија јасно го покажа тоа, како и дека генетски чисти популации не постојат – вели Пабло Карион од Институтот за еволутивна биологија во Барселона.
Ова истражување, кое е објавено во едно од најпрестижните научни списанија во светот, „Сел“, го насочува центарот на вниманието кон неправедно запоставениот Балкан.
Српска „Политика“, пишувајќи на оваа тема, потсетува дека Дунавскиот базен и овој полуостров 10.000 години пред нашата ера биле местата каде што се сретнале европските ловци – собирачи и првите земјоделци што пристигнале од Мала Азија (Анадолија), носејќи земјоделска технологија.
– На територијата на Балканот се родени 26 римски императори, од кои 18 од денешната територија на Србија. Анализата на скелетите од Виминациум, со широк пресек на населението, кое вклучува војници, покажува дека тие припаѓале на локалното население. Овие податоци го наметнуваат заклучокот за континуитетот на генетската поврзаност со нашата модерна популација, што е зацртано преку старобалканскиот дел на ДНК во современиот геном. Горенаведените резултати укажуваат и на еден историски факт, кој досега не можевме да го потврдиме поради недостиг од генетски истражувања, имено, дека локалното население дало голем придонес во европската историја преку Римската Империја – нагласуваат професорите Грбиќ и Кекаревиќ.
Локалитетот од кој биле анализирани најмногу примероци некогаш бил главниот град на римската провинција Горна Мезија – Виминациум, каде што биле откриени над 20.000 скелети.

Истражувањето докажа миграции од супсахарска Африка во Римската
Империја, на Балканскиот Полуостров

Недалеку од царскиот мавзолеј е пронајден гроб во кој е погребано помладо машко лице, 19 години, по потекло од територијата на денешен северен Судан.
– Најверојатно се работи за римски војник. Освен генетската анализа, анализата на забите со изотопи потврди и доминантна исхрана со морски протеини, што укажува дека споменатиот маж израснал некаде во близината на морето, што одговара на добиената генетска одредница. Тоа е прв докажан случај на миграција од супсахарска Африка во Римската Империја – објаснува антропологот Илија Микиќ од Институтот за археологија. Тој додава дека со ДНК-анализата е потврдено присуство на уште едно лице чие потекло е од областа на Африка, но овој пат од северниот дел на тој континент.
Изненадувачки резултат од повеќето од анализираните војници од Виминациум и другите воени утврдувања е тоа дека припаѓаат на локалното население и мигранти од другите делови на империјата, но дека ниту еден од нив не потекнува од Апенинскиот Полуостров. Ова, како што објаснуваат авторите на оваа студија, сведочи за многу поголема интеграција на Балканот во Римската Империја и негова самоорганизација заснована на локално управување и администрација отколку што се претпоставуваше.
Анализата на околу 700 скелети од Виминациум, која е во тек, ќе ја претставува втората фаза од истражувањето, со што ќе се дополнат многу сознанија за структурата и роднинските односи во тогашната општествена заедница.