За израелско-палестинскиот конфликт
Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант ги претстави предлозите за идното управување со Газа по завршувањето на војната меѓу Израел и Хамас. Според него, палестинските власти ќе бидат ограничени на таа територија. Хамас повеќе нема да ја контролира Газа, а Израел ќе ја задржи безбедносната контрола.
Во документот се додава дека всушност Палестинците ќе бидат одговорни за управување / администрирање со територијата.
– Жителите на Газа се Палестинци, затоа палестинските власти ќе бидат одговорни, под услов да нема непријателски дејства или закани против државата Израел – рече Галант.
Разговорите за планот за Газа доведоа до длабоко несогласување во Израел.
Некои екстремно десничарски членови на Владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рекоа дека палестинските граѓани треба да бидат охрабрени да ја напуштат Газа и да заминат во егзил. Десничарски членови на Владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху инсистираат и на „повторно воспоставување еврејски населби на територијата на Газа“. Но ваквите контроверзни предлози беа отфрлени како „екстремистички“ и „неостварливи“ од страна на другите земји во регионот и од некои од сојузниците на Израел.
Иако погореспоменатите предлози на Галант може да се сметаат за попрактични од оние предложени од некои од неговите (екстремистички и десни) колеги од кабинетот, тие веројатно ќе бидат отфрлени од палестинските лидери, кои веруваат дека на населението во Газа мора да му се дозволи да преземе целосна и апсолутна контрола врз управувањето со територијата по завршувањето на војната.
Премиерот Бенјамин Нетанјаху не зборуваше јавно за никакви детали за тоа како мисли дека треба да се управува со Газа. Тој посочи дека војната во Газа може да трае уште неколку месеци, со наведената цел целосно да се уништи Хамас.
Објавувањето на планот доаѓа додека сѐ уште траат борбите во Газа. Американскиот државен секретар Ентони Блинкен деновиве треба да пристигне во регионот и се очекува тој да разговара со палестинските претставници на окупираниот Западен Брег и со израелските лидери. Неговата посета доаѓа во време на зголемени тензии во регионот по убиството на лидерот на Хамас Салех ал Арури минатата недела во либанскиот главен град Бејрут. Многумина го обвинуваат Израел за неговото убиство. Меѓутоа, Израел ниту ја потврди ниту ја негира вмешаноста. Р.С.