Најавени нови протести во Белград
Српскиот претседател Александар Вучиќ, во изјава за телевизија „Пинк“ соопшти дека во синоќешните протести двајца полицајци се потешко повредени и дека на еден едвај му било запрено крварењето. Тој соопшти и дека се приведени 35 силеџии, како што ги нарече демонстрантите кои протестираат поради наводна изборна измама.
Вучиќ им се заблагодари на сите членови на Министерството за внатрешни работи и истакна дека е важно сите да знаат дека ова е подготвено, и дека имаат цврсти докази за тоа.
– Државата ќе реагира согласно законите и Уставот на нашата држава. Никој нема право да ни ја уништува куќата, имотот на нашата земја и на нашите граѓани, а уште помалку има право да ги загрозува животите на нашите полицајци – рече Вучиќ.
Според него, двајца полицајци се тешко повредени, а на еден едвај успеале да му го запрат крварењето.
– Неколку од нив се ранети. Нашите безбедносни агенции целосно го предвидеа ова, ја информиравме јавноста и сите се правеа наивни како да не знаат за што се работи – вели Вучиќ.
Како што оцени, синоќа бил направен обид насилно да се преземат институциите на Србија.
– Досега се уапсени повеќе од 35 силеџии. Акцијата продолжува и нема да запре. Во моментов се утврдува идентитетот на некои лица и сите ќе бидат уапсени во текот на ноќта. Каде и да се кријат нема да можат да се сокријат – рече синоќа српскиот претседател и додаде дека изборната волја на народот е света.
Како што вели, за минута и пол сите побегнале, кога се појавила жандармеријата. Тој додава дека и нанеле голема штета на државата.
– Се надевам дека повредените полицајци ќе бидат добро. Се јавив на еден од нив. Утре ќе се обрати полиција и ќе ги покаже сите докази. Ќе го гониме секој што учествувал во тоа – рече Вучиќ, додавајќи дека секој ќе одговара за насилничко однесување.
Шефот на бирото за координација на безбедносните служби Ивица Дачиќ изјави дека денеска во 15 часот закажал состанок на тоа тело, со раководителите на службите и надлежните обвинители.
Режимот на Александар Вучиќ уште еднаш го покажа своето вистинско – насилно лице, соопштија од листата „Србија против насилство“ (СПН).
Како што наведуваат во соопштението, тие не дозволиле градски советници и народни пратеници да влезат во градското собрание, ги испратиле своите хулигани да прават инциденти, а на крајот Вучиќ испратил специјални единици кои употребиле брутална сила врз граѓаните кои протестирале поради украдени избори.
– За тоа сведочат бројните видеа, како и фактот дека еден од демонстрантите бил брутално претепан и му била скршена ногата, клоцајќи го додека лежел на земја. Полицијата го нападна и Радомир Лазовиќ, копретседател на Зелено-левиот фронт и тоа по завршувањето на протестот – се наведува во соопштението.
Го осудуваме насилството со кое режимот ги разби демонстрациите на граѓаните кои само бараат поништување на изборите, како и обидот мирните протести да се прикажат како насилни, соопштија од СПН.
– Посебно го осудуваме апсењето на голем број луѓе кои протестираа кои не дадоа никаква причина за тоа. Ќе им обезбедиме правна заштита. Најостро ги осудуваме лагите изнесени од Александар Вучиќ во неколкуте јавни обраќања вечерва. На граѓаните им ветуваме дека без оглед на цената, нема да се откажеме од борбата за поништување на изборите и нормална и пристојна Србија која сите ја посакуваме. Никогаш нема да ја прифатиме кражбата што беше организирана на изборите на 17 декември. Не е прашање која партија ќе биде на власт, прашање е опстанокот на Србија – се вели во соопштението на СПН.
Студенти и млади луѓе кои учествуваат на протестите поради, како што тврдат, кражба на изборите на 17 декември, за денеска најавија шестчасовна сообраќајна блокада на две локации во Белград.
Тие ги повикаа граѓаните да се соберат во 11 часот пред Министерството за државна управа и локална самоуправа, од кои бараат да се овозможи проверка на избирачкиот список, јави Бета.
Според нив, протестот ќе трае еден час, колку што ќе му дадат на министерството да одговори на нивните барања, по што ќе блокираат две сообраќајници, чии локации не сакаа да ги откријат „поради безбедносни причини“.
Блокадата, како што најавија, ќе почне во 12 и ќе трае до 18 часот, а секоја наредна би можела да биде и подолга доколку не се исполнат нивните барања.
Протестите поради изборни нерегуларности започнаа на 18 декември, ден по изборите, а се одржуваат секој ден во 18 часот пред седиштето на Републичката изборна комисија.
На тие протести повикаа претставниците на листата „Србија против насилството“ кои бараа поништување на изборите на сите нивоа поради, како што тврдат, изборна кражба, поради што неколкумина од нив почнаа штрајк со глад.
За денеска не е потврдено дали ќе се одржи и тој протест.