Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ го распиша годинашниот конкурс за наградата „Роман на годината“, кој ќе трае до 15 јануари 2024 година.
Право на учество имаат романите што за првпат се објавени на македонски јазик во 2023 година. Kандидатите се обврзани да достават по пет примероци од романот, кои не се враќаат, во читалницата „Славко Јаневски“ во Скопје (ул. Димитрие Чуповски бр. 23/1-1), секој работен ден, од 12 до 20 часот, или по пошта на адресата на фондацијата, бул. Кузман Јосифовски Питу 19/6-40, Скопје.
Пожелно е и доставување романи во електронска верзија на адресата: [email protected]
Наградата „Роман на годината“ се состои од паричен износ од 150.000 денари, статуетка и плакета. Петчлената жири-комисија е обврзана да ја донесе одлуката за добитникот на наградата најдоцна до 15 март 2022 година, а следниот работен ден да ја објави на прес-конференција.
Наградата „Роман на годината“, чиј генерален покровител е Комерцијална банка АД Скопје, годинава ќе се додели јубилеен 25-ти пат.
„Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ на Влада Урошевиќ („Екс либрис“, 2022) е лауреатот на наградата „Роман на годината“ за 2022 година.