Фото: ЕПА

Извлекувањето на двојките е полудиригирано, што значи дека меѓу себе нема да играат носителите, потоа тимови од иста земја, како и екипи што веќе сезонава се сретнаа меѓу себе во групната фаза

ФУДБАЛ – ДЕНЕСКА ЖДРЕПКА ЗА ОСМИНАФИНАЛЕТО НА ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ

Ждрепката за осминафиналето на Лигата на шампионите (ЛШ) треба да биде влечена денеска (12 часот), во Нион (Швајцарија), седиштето на Европската фудбалска унија (УЕФА), а од потенцијалните двојки се можни дерби-средби и репризи на некои претходни финалиња.
Носители пред ждрепката се првопласираните во секоја од осумте групи, Манчестер сити, Арсенал (двата од Англија), Атлетико Мадрид, Барселона, Реал Мадрид, Реал Сосиедад (сите од Шпанија), Баерн и Борусија Дортмунд (двата од Германија), а неносители се екипите што ги освоија вторите места во своите групи, Интер, Наполи, Лацио (трите од Италија), Копенхаген (Данска), Лајпциг (Германија), Пари сен Жермен (Франција), Порто (Португалија) и ПСВ Ајндховен (Холандија). Само Германија има свои претставници во двата барабана.
Претходно во натпревар за европската фудбалска титула се сретнале, на пример, Интер и Реал Мадрид (во 1964 година), потоа Порто и Баерн (1987 г.), Интер и Баерн (2010-та), Баерн и Пари сен Жермен (2020-та), Манчестер сити и Интер (2023 година)… Ждрепката е полудиригирана, што значи дека меѓу себе нема да играат носителите, потоа тимови од иста земја, како и екипи што веќе сезонава се сретнаа меѓу себе во групната фаза.
Осминафиналето на програмата е во февруари и во март в година. Финалето осми пат ќе се игра на стадионот „Вембли“ во Лондон, откако таму претходно се играа дуелите за европската клупска фудбалска титула во 1963, 1968, 1971, 1978, 1992 (на стариот стадион „Вембли“), 2011 и во 2013 година. Н.М.